„Медена земја“ е израз на гордата култура на една мала земја: Штајнмаер со Атиџе разменија тегли мед


Претседателот Стево Пендаровски и претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер денес по посетата на Старата скопска чаршија, како културно-историски дел од Скопје и симбол на македонското мултиетничко општество, престојуваа и во Националната галерија Чифте Амам, каде што се сретнаа со Атиџе Муратова и екипата  на „Медена земја“  и проследија инсерти од филмот „Медена Земја“. Македонскиот документарен филм „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов во 2020 беше номиниран во две категории за најпрестижните филмски награди во светот- Оскарот: за најдобар документарен филм и за најдобар интернационален филм.    

Во таа пригода, Атиџе му подари од својот мед на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер.
“Ако ги сакате пчелите, тие ќе ви возвратат”, му ја објасни Атиџе својата врска со пчелите на германскиот претседател, пренесе „Дојче веле“.
На подарокот од Муратова, Штајнмајер одговори со подарок мед од негово производство од замокот Белви кај Берлин. 

Во вчерашниот говор одржан пред пратениците во македонското Собрание, Штајнмаер истакна дека ќе има можност да разговара со Атиџе Муратова и креаторите на филмот „Медена земја“.

„Кога Муратова, еден од последните диви пчелари во Европа, собира саќе и мед, таа им вели на своите пчели: „Половина за мене, половина за вас“. Пораката на овој и длабоко експресивен и успешен македонски филм одекна низ светот. Во мои очи, „Медената земја“ е две работи. Израз на гордата култура на една мала земја. И носител на поголема порака која се применува далеку од границите на една единствена нација: Не смееме да ги исцрпуваме даровите на природата, ниту неповратно да ја уништуваме нашата околина. Тоа е задачата пред човештвото.“