Поплавен дел од Клиничката болница во Штип, за Филипче тоа сликата на македонскот здравство денес


Дел од Клиничката болница во Штип е поплавен, јавија локалните медиуми, а со реакција на Фејсбук се јави и лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Како што јави Канал 77, дождот што врне од петокот попладне, предизвика нова поплава во просторот на одделот за Ортопедија и интензивна нега во Клиничката болница во Штип. Овој дел од болницата во силното невреме на 22 јули годинава, остана без покрив.

Заменик директорот на болницата, д-р Билјана Ефтимова, за овој медиум изјави дека не успеала да го види поплавениот дел, како и дека во тек се работи на реконструкција.

„Избраниот оператор работи на тој дел од зградата, но се’ уште не стигна до покривот“, изјави д-р Ефтимова.

Неколку дена по невремето во јули, кога болницата остана без дел од покривот, на увид дојде и новиот министер за здравство, Сашо Клековски, кој најави дека ќе се обезбедат средства за санација откако ќе се направи проценка. Тендерот беше завршен речиси три месеци по направената штета, пишува Канал 77.

За лидерот на СДСМ, Венко Филипче, поплавата во Клиничката болница во Штип, е „сликата на македонското здравство денеска со Христијан Мицкоски и Сашо Клековски. 

„Ова е сликата на македонското здравство денеска со Христијан Мицкоски и Сашо Клековски. Клиничката болница во Штип. Поплавена соба, распаднат таван. Вака денеска се лекуваат пациентите. Во вакви услови работат лекарите. Нема доволно зборови за оваа катастрофа. За криминални тендери има пари, а за здравството нема. Кој ќе одговара? Или повторно некој друг ви е виновен?“, напиша Филипче на Фејсбук.

Со контрареакција се јавија од ВМРО-ДПМНЕ. За владејачката партија, Филипче е последен кој може да зборува за здравството и состојбата во која се наоѓа оваа област.

„Неговите пишувања на социјалните мрежи, сега конкретно за Болницата во Штип, се врв на политичко лицемерие. На Филипче треба да му е јасно дека граѓаните не забораваат дека токму Филипче со години беше министер за здравство и имаше целосна власт и буџет да ја изгради новата клиничка болница во Штип. Филипче наместо да гради модерен клинички центар за целиот источен регион, остави само карабина, раскинати договори, судски спорови“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.