Генерација Зет: Од протест против зголемување на даноци, до маршеви против повторното вооружување на Европа
Третата декада на 21 век е одбележана со пандемијата Ковид-19, затворањата и кршењата на човековите права, пад на економијата, зголемување на трошоците за живот, а ситуацијата дополнително се влоши со двете големи војни во Европа и во Блискиот Исток. Тоа доведе до будење на младите луѓе ширум светот и протести како поради локалните, така и глобалните проблеми. На глобалната сцена се појавува неформално движење Генерација Зет, кое предизвикува бранови на протести низ светот.
Протестите што почнаа во Африка во 2024 година и се проширија во Азија, Јужна Америка и Европа познати се како бунт на Генерацијата Зет.
Поради проширувањето низ голем број држави, протестите на Генерацијата Зет, често се поистоветува со бранот протести од 1968 година на младите луѓе против авторитаризмот, војните, бирократијата и социјалната нееднаквост.
Но, за разлика од пред 58 години, мобилизацијата на младите луѓе сега е олеснета од интернетот и социјалните мрежи. Нивната моќ беше потврдена за време на Арапската пролет, што ги принуди владите во голем број земји да го ограничат пристапот до интернетот. Главен извор на информирање на Генерација Зет е интернетот и социјалните мрежи, кои секако се и извор на дезинформации. Барањата, организирањето на маршеви, протести и блокади, повиците до граѓаните, за кратко време се прошируваат до голем број луѓе преку Фејсбук, Инстаграм, Дискорд, Тикток и Икс.
Од Африка, преку Азија до Јужна Америка
Терминот протест на Генерацијата Зет првпат е употребен за демонстрациите од јуни 2024 година во Кенија против Законот за финансии и зголемувањето на даноците, за подоцна да бидат проширени барањата за справување со корупцијата и одговорност за полициската бруталност. Нивните барања сè уште не се исполнети, иако законот беше повлечен и падна владата. Протестите во Кенија беа обележани и со големо насилство, упад во парламентот и судири со полицијата, при што загинаа околу 130 луѓе.
Во Кенија првпат беа организирани масовни, децентрализирани протести, без водство од политичка партија, без официјални лидери, а координацијата и мобилизацијата се одвиваше преку социјалните мрежи и платформи, како Тикток, Инстаграм и Твитер, Вацап.
Немањето на официјални лидери, дистанцирањето од политичките партии, потенцирањето на единство без етнички и партиски поделби, како и употребата на социјалните мрежи беше модел и за студентските и за младинските револуции во Бангладеш и во Непал.
Истата година младите во Бангладеш се побунија против квоти за вработување во државната администрација, со кој 30 проценти од работните места им се доделуваа на потомците на ветераните од војната за независност. Но, протестите, по изјавите на премиерката и полициското насилство набрзо прераснаа во револуција за демократија, што доведе Шеик Хасина по 15 години да поднесе оставка и да побегне во Индија. Потоа беше формирана транзициска влада предводена од Мухамед Јунус, во која влегоа и претставници на студентите. Но, младинската Национална граѓанска партија на изборите во февруари освои само неколку места поради контроверзното коалицирање со исламистички партии. И протестите во Бангладеш беа насилни, во кои загинаа до 1.400 луѓе.
Во септември 2025 година Непал беше зафатен од бран младински протести откако владата блокира 26 социјални мрежи, меѓу кои Фејсбук, Инстаграм, Тикток и Јутјуб со цел да ја задуши онлајн кампањата против корупцијата и раскошниот живот на децата на политичарите. Власта на протестите одговори со насилно задушување, при што загинаа десетици демонстранти, по што ескалира насилството и беа запалени парламентот и другите владини згради во Катманду, а премиерот поднесе оставка. Потоа беше формирана привремена влада со учество на студентите, а на предвренмените избори во март реформската партија Раштрија Сватантра, предводена од поранешниот рапер и градоначалник Балендра Шах, освои убедлива победа со поддршка на младинското.
Во Индија споредбата на младите невработените лица со лебарките иницираше формирање на Движењето Народна партија на лебарки, кое привлече голем број млади луѓе. Набрзо „лебарките“ во јуни излегоа на улица барајќи одговорност и оставка од министерот за образование поради протекување прашања од приемни испити. Министерот беше сменет по судирите на демонстрантите со полицијата и илјадници приведени граѓани.
Лебарките своите активности ги продолжија и есенва и бараат оставка од шефот на изборната комисија поради спорни промени во избирачките списоци.
Студентите и социјалните мрежи на Луиз Инасио Лула да Силва му го освоија четвртиот претседателски мандат во октомври. Студентите од Универзитетот Флуминенсе пред вториот круг организираа марш за поддршка на Силва, со што иницираа слични акции низ цела земја. На „Вацап“ беше отворен канал „Армијата на Лула“ преку кој беа мобилизирани милиони луѓе кои на социјалните мрежи објавуваа содржини за поддршка на Лула.
Генерацијата Зет и Балканот
Младинскиот бунт се прошири и на Балканот – Грција, Србија и Албанија. Во првите две земји беше инициран од трагични настани, големата железничка несреќа во близина на Лариса на 28 февруари 2023 година, кога се судрија два воза при што загинаа, при што загинаа лица 57 лица и падот на настрешницата во Нови Сад на 1 ноември 2024 година при што загинаа 16 луѓе.
Веднаш по железничката несреќа студентите, заедно со семејствата на жртвите и синдикатите побараа утврдување на одговорност за трагедијата. Протести се одржуваа во повеќе градови во Грција, како и на годишнината од несреќата во 2025 и 2026 година. Во март почна судењето на 36 одговорни за несреќата кај Темпи.
Грчките средношколци и студенти на 21 октомври го поддржаа штрајкот на просветните работници и на плоштадот Снтагма во Атина мирен протест одржаа околу 10.000 луѓе. Тие организираа протест и на 5 ноември под мотото „Од Грција до Франција се бориме за бесплатно, јавно образование“. Тие бараат и повеќе пари за за училиштата и факултетите и да се пополни недостигот на професори и наставници.
Протестите во Србија почнаа со барање одговорност, објавување на целосната документација за станицата, процесуирање на напаѓачите на демонстрантите, запирање на постапките против студентите, 20 проценти поголем буџет за високо образование, како и распишување вонредни парламентарни избор. По две години протести, блокади, маршеви на парламентарните избори одржани на 25 октомври победи Студентската листа и ќе формира влада. Протестите во Србија се обележани со полициска бруталност и употреба на недозволени средства против демонстрантите.
Изградба на туристички комплекс во заштитено подрачје е поводот на Фламинго револуцијата во Албанија. Во мај по најавите за туристичкиот комплекс во подрачје каде живеат фламинга, студентите и граѓаните организираат протести за заштита на животната средина, но набрзо прераснаа во антивладини протести со барање за оставка на премиерот. Опивисок стандард, борба против корупцијата, реформи на судството, уставни и изборни реформи, како и реформи во високото образование, пониски трошоци за студирање, подобрување на условите на универзитетите и поголема финансиска поддршка за нив. По 180 дена непрекинати антивладини протести студентите најавија формирање на политичка партија Обединети за Албанија, составена од студентите, а во иницијативата се вклучени и професори, како и поединци со искуство во различни професионални области.
Младите против милитаризацијата на Европа и за повеќе пари во образованието
Есенва се интензивираа протестите повеќе европски држави. Во Франција, Германија, Австрија и Италија Генерацијата Зет бара повеќе пари за образованието, но исто така се спротивставува на зголемување на воените буџети. Младите и студентите во Шпанија и Португалија ги имаат истите барања, но тие се придружија и на барањето „Дом за секого“.
Во Франција протестите почна во септември во Кретеј, кога наставниот кадар стапи во штрајк поради недостиг на наставен кадар и условите во средното училиште „Антоан де Сент-Егзипери“. На протестот набрзо им се придружија учениците и нивните родители. Откако снимките од блокадите во Кретеј се проширија низ социјалните мрежи, до крајот на септември и почетокот на октомври, протестите се проширија во повеќе од 1.000 средни училишта низ Франција, од средината на октомври, на младите им се приклучија синдикатите и движењето „Жолти елеци“. Барањата се проширија на зголемување на платите, заштита на куповната моќ и справување со високите трошоци за живот.
Во Франција седма сабота по ред се одржуваат протести, во кои најбројни се младите луѓе, а им се придружуваат синдикатите, Жолтите елеци, активистите за зачувување на животната средина, феминистичките групи, со што се зголемуваат нивните барања од обезбедување финансиски средства за средните училишта и универзитетите, подобрување на јавните услуги до заштита на куповната моќ на граѓаните
Во Шпанија и Португалија иницијална каписла на протестите се високите кирии и барањата се решавање на станбеното прашање пред сè на младите луѓе. На 11 ноември во Мадрид шпанските здруженија на станари, организираа генерален штрајк, прв по 14 години.
Шпанскиот Синдикат на студенти на 20 ноември организираше протести во повеќе градови при што побара поголеми државни инвестиции во јавното образование, здравството и достапното домување наместо зголемување на воените буџети. Тие исто така протестираа поради говорот на омраза и репресијата.
Португалците првиот протест поради станбената криза и шпекулациите со недвижности го одржаа во март, но во октомври протестите добија на континуитет откако владата предложи измена на законот за закуп на станови. На 20 ноември младите Португалците протестираа под европското мото „Борете се за нашата иднина, не за нивните војни“. Тие побараа итни решенија за недостапното домување, поголеми инвестиции во образованието и социјалната заштита, запирање на воените трошоци и враќањето на задолжителниот воен рок, како и климатска правда.
И Италија не остана имуна на протестниот бран што ја зафати Европа. Во октомври организирани се протести, студентски блокади и генерални штрајкови, а главни причини за незадоволството се растот на трошоците за живот, зголемување на воените трошоци, а намалување на буџетите за образовани и здравство, како и надворешната политика. На 16 октомври студентите организираа масовни маршеви ширум земјата под слоганот „Ден без Мелони“. На протестот се придружија и камионџии и земјоделци од јужна Италија кои блокираа патишта поради цената на дизелот. Од протестот произлезе младинското „Движење 17 октомври“.
Протестите во Италија продолжија, а на 30 октомври земјата беше парализирана од генерален штрајк и масовни протести и блокади во повеќе од 50 градови. Додека италијанското движење Генерација Зет, заедно со помладите лица наречени Генерација Алфа на 20 ноември организираа собири ширум земјата, со барања за да се инвестира во образованието наместо во оружје, да се реновираат училиштата, бесплатен пристап до високо образование, како и достапно домување и работа, заштита на животната средина, солидарност, да заврши војната во Појасот Газа и регулација на вештачката интелигенција.
Германската младина обединета од „Генерацијата Зет презема контрола“ (Gen Z regelt) на 20 ноември одржа два протестни марша, првиот против задолжителната воена служба и милитаризацијата, а вториот против намалување на средствата за образование, социјална и здравствена заштита, високите трошоци за живот и недостапното домување. Нивниот бунт против воениот рок почна откако стапи во сила законот за доброволно служење воен рок, но исто така предвидува момчињата кога ќе наполнат 18 години задолжително да пополнат прашалник за нивната подготвеност и способност за воена служба, а за жените одговорот е доброволен. Тие исто така се и против целта на владата до 2035 година да го зголеми бројот на активни професионални и договорни војници на 260.000, како и да располага со дополнителни 200.000 резервисти.
Студентите во Австрија првпат протестираат во мај откога владата најави намалување на финансиите за јавните универзитети во периодот од 2028 до 2030 година. На нивниот протест „Спасете ги универзитетите“ учествуваа приближно 40.000 луѓе. Тој беше поддржан од Конференцијата на универзитетите и синдикатите на вработените. Австриската национална унија на студентите организираше уште еден протест поради планираното намалување на средствата за образование. На тој протест учествуваа околу 20.000 луѓе.
Австриските средношколци и студенти се приклучија во одбележување на Европскиот ден на акција и Меѓународниот младински штрајк и на 20 ноември организираа два протеста. Стотици млади луѓе се собраа пред Универзитетот Виена под мотото „За нашата иднина, против нивните војни“. Тие побараа да запре повторното вооружување на Европа и на Австрија и воениот буџет да биде пренаменет првенствено во образованието. Протестот беше прекинат од полицијата, која употреби бибер спреј, откако демонстрантите се обидоа да влезат во зградата на Универзитетот. Исто така, неколкумина демонстранти беа приведени.
На вториот протест во Виена на младите им се придружија и повозрасните луѓе. Неколку илјади граѓани уште еднаш побараа да запре вооружувањето на Австрија и да се зачува уставно загарантирана неутралност на земјата. За разлика од првиот беше помасовен и помина без инциденти. Иконографијата речиси беше иста како и на протестот пред Универзитетот во Виена, се вееја младински и палестински знамиња, како и транспаренти против расизмот, за запирање на војната со Иран, против употребата на нуклеарно оружје, како и за зачувување на климата. Тие истакнаа дека се залагаат за социјална правда и меѓународна солидарност.
Реалноста и моќта на Генерацијата Зет за промени
Од 2024 година се одржаа околу 70 протести ширум светот во кои учествувале или ги иницирале младите луѓе. Навидум младите во различни делови на светот како да ги мачат различни проблеми, но ако се проанализира тие се соочуваат и го креваат својот глас за исти аномалии на општеството, како што се слабите економии, распространетата корупција, нееднаквоста во богатството, како и авторитарните власти. Причините поради кои излегуваат на улиците се многубројни и разновидни: од корупцијата и нееднаквите услови, до барања за поголеми инвестиции во образованието, достапни станови и преземање мерки за справување со климатската криза.
Изминатите две години покажуваат дека протести на Генерацијата Зет можат да доведат до некоја промена, дури и до смена на власта. Но, тешко дека ќе бидат исполнети сите нивни барањата, бидејќи тоа не зависи само од националните влади, туку и од глобалните политички настани.
И покрај тоа што протестите на 20 ноември имаат речиси исти барања, им недостасува заедничка цел и заеднички барања, а засега нема ниту заедничко тело за одлучување што би ги надминувало државните граници. Сега за сега барањата на Генерацијата Зет во Европа се сведуваат само на заеднички пароли против повторно вооружување на Европа и за поголеми инвестиции во образованието, за слобода на Палестина, за завршување на војната во Иран, но нивните барања сè уште не се адресирани односно од кого очекуваат да им бидат исполнети барањата.
Тие исто така не наведуваат што ќе преземат доколку не бидат исполнети нивните барања.
Додека националните влади покажаа дека можат да го амортизираат гневот на, младите, преку полициска репресија, заострување на казните за учесниците во немири, како и формирање на комисии за решавање на одредени прашања, со што се намалува масовноста на протестите.
Протестите на Генерацијата Зет често завршуваат со насилство, пред сè иницирано од полициската агресија. Истражувањата покажуваат дека протестите на младите наидуваат на поагресивен одговор од власта, бидејќи тие се доживуваат како поголема закана, иако самите протести не се понасилни од оние организирани од други возрасни групи.
Продолжувањето на протестите во голема мера ќе зависи дали ќе завршат војните во Украина и во Иран и ќе бидат обновени пред сè синџирите за снабдување со енергенти или економската ситуацијата дополнително ќе се влоши и протестите ќе добијат на масовност. Дали зимата ќе биде „жешка“ не зависи само од организацијата и мобилизацијата на младите, туку од глобалната политика.