Шведскиот „Сааб“ доби договор вреден 492 милиони долари за испорака на радари во Украина
Стокхолм – Шведската компанија за производство на одбранбена опрема „Сааб“ денес објави дека добила договор вреден 450 милиони евра, или околу 492 милиони долари, за испорака на радарски системи „Жирафа 1X“ на украинските вооружени сили.
Испораките според овој договор се планирани за 2027 година, според соопштението на компанијата, пренесува Ројтерс.
Радарот „Жирафа 1X“ е мобилен тродимензионален систем наменет за откривање и следење на авиони, ракети и беспилотни летала.
Сааб, кој произведува и ракети, напредни електронски системи и подморници, бележи зголемување на побарувачката за својата опрема поради зголемувањето на трошоците за одбрана во европските земји по почетокот на руската инвазија на Украина.
Компанијата е еден од клучните добавувачи на воена опрема за Украина, а во јуни потпиша договор за испорака на 16 борбени авиони „Грипен Е“ во таа земја, во вредност од околу 24,6 милијарди шведски круни, односно 2,4 милијарди долари.
Испораката на авионот е планирана за периодот од 2029 до 2030 година.
Зголемената побарувачка за одбранбена опрема придонесе за подобри деловни резултати на компанијата, чија оперативна добивка во третиот квартал од оваа година се искачи на 1,95 милијарди шведски круни, односно околу 190 милиони долари, од 1,37 милијарди круни во истиот период минатата година.