Демократите отвораат истраги за милијардите заработени од сојузниците на Трамп


Вашингтон – Демократите во Соединетите Американски Држави подготвуваат серија конгресни истраги за финансиските и деловните врски на претседателот Доналд Трамп со милијардери од технолошкиот и крипто секторот, кои финансиски ја поддржувале неговата кампања и проекти, а чии компании, според критичарите, имале корист од одлуките на неговата администрација.

По освојувањето на мнозинството во двата дома на Конгресот на среднорочните избори, демократите објавија дека почнувајќи од 2027 година, ќе испитаат како владините договори, даночните олеснувања и дерегулацијата влијаеле врз бизнисот на сојузниците на Трамп. Меѓу оние кои би можеле да бидат под лупа се основачот на „SpaceX“ Илон Маск, шефот на „Nvidia“ Јенсен Хуанг и основачот на крипто-платформата „Binance“ Чангпенг Жао, објавува „The Guardian“.

Прашањата ќе се однесуваат и на работите на синовите на претседателот, Доналд Џуниор и Ерик, чии приходи и деловни активности се проширија во технологијата и криптовалутите по враќањето на Трамп во Белата куќа.

Компаниите на Маск добиле милијарди долари во договори

Според извештајот на непрофитниот фонд „Democrat Defenders Fund“, компаниите поврзани со Маск добиле владини договори во вредност од шест милијарди долари додека тој бил задолжен за иницијативата на Трамп за намалување на федералните трошоци, а уште десет милијарди откако ја напуштил таа позиција во мај 2025 година.

Во истиот извештај се наведува дека 25 федерални агенции и оддели презеле чекори што им користеле или потенцијално им користеле на компаниите на Маск. Според авторите на извештајот, неговото богатство се зголемило повеќе од двојно откако ја напуштил администрацијата.

За време на претседателската кампања во 2024 година, Маск потрошил речиси 300 милиони долари за поддршка на Трамп, додека за време на среднорочните избори оваа година, издвоил околу 450 милиони долари за републиканските кандидати.

Крипто бизнисот на семејството Трамп е исто така под лупа
Договорите на семејството Трамп во крипто-индустријата привлекуваат посебно внимание од демократите. Компанијата „Binance“ му помогна на крипто-проектот „World Liberty Financial“, поврзан со семејството на претседателот, да обезбеди инвестиција од две милијарди долари од фонд поврзан со Абу Даби.
Трамп, според податоците од неговите финансиски извештаи за 2025 година, остварил приход од повеќе од 1,4 милијарди долари од крипто-проекти. Ова претставува околу две третини од вкупните 2,2 милијарди долари приходи наведени во документите.

Основачот на Binance, Чангпенг Жао, се изјасни за виновен во 2023 година за кршење на прописите и санкциите против перење пари, по што компанијата се согласи да плати 4,3 милијарди долари казни и надоместоци. Зао отслужи четиримесечна казна, а Трамп го помилува на крајот од минатата година. Демократите сакаат да истражат дали деловните врски со семејството на претседателот имале влијание врз таа одлука.

Демократите најавуваат истрага за можен конфликт на интереси
Конгресменот Џејми Раскин објави дека ќе се истражи врската помеѓу инвестициите од Обединетите Арапски Емирати во крипто-проектот на Трамп и подоцнежната одлука на американската администрација да ѝ обезбеди на таа земја пристап до напредни чипови за вештачка интелигенција.

Како што е најавено, демократите ќе го испитаат и финансирањето на големата балска сала во Белата куќа, за која донации дале одредени технолошки директори и милијардери.

Сепак, администрацијата веќе ги предупреди демократските конгресмени дека истрагите насочени кон бизнис-сојузниците на Трамп би можеле да ги надминат границите на законските овластувања на Конгресот. Советникот на Белата куќа, Вил Шарф, го обвини претседателот на Комитетот за надзор на Претставничкиот дом, Роберт Гарсија, дека неговите активности би можеле да претставуваат злоупотреба на овластувањата.

Гарсија ги отфрли ваквите предупредувања, истакнувајќи дека правото на Конгресот да следи произлегува од Уставот на САД, а не од овластување на Белата куќа.

Правните експерти и поранешните обвинители проценуваат дека заканите за кривично гонење се обид да се одвлечат вниманието на демократите од надзорните истраги. Белата куќа и Трамп, од друга страна, ги отфрлија обвинувањата за судир на интереси и размена на услуги.