Блумберг: Германскиот софтверски концерн САП размислува за кастрење на 10.000 работни места


Германската софтверска компанија САП ( SAP) размислува за намалување на околу 10.000 работни места како дел од нејзината актуелна реорганизација, објави Блумберг, повикувајќи се на запознаени извори со ова прашање. 

Компанијата има повеќе од 110.000 вработени, што значи дека сите потенцијални отпуштања би влијаеле на речиси една десетина од нејзината работна сила.

На сите одделенија им е наложено да достават предлози за намалување на работните места, со фокус на развој на производи и продажба, соопшти агенцијата.

„САП постојано ја преиспитува својата организациска структура за да се осигури дека е усогласена со корпоративната стратегија и потребите на клиентите“, се наведува во соопштението на компанијата со седиште во Валдорф, цитирано од Блумберг. 

Компанијата одби да коментира дали планира отпуштања.

Најголемата софтверска компанија во Европа го реструктуира својот бизнис со акцент на вештачката интелигенција. На почетокот на 2024 година, објави реорганизација што влијаеше на 8.000 работни места. Досега, намалувањето на позициите во активностите со побавен раст беше компензирана со префрлања во ветувачките области.

Извршниот директор Кристијан Клајн става поголем акцент на интегрирањето на вештачката интелигенција во производите на компанијата.