Азески: Приватниот сектор е подготвен да инвестира, но владите мора да ја испорачаат регулативата и инфраструктурата


Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, преку соопштение до медиумите апелира до надлежните во државите од регионот да ја пренесат пораката на реалниот сектор „јасно и недвосмислено“, дека приватниот сектор е подготвен да инвестира, да се прилагодува и да го понесе товарот на економската интеграција, но владите мора да ја испорачаат регулативата и инфраструктурата.

Во функција на в.д. претседател на Коморскиот инвестициски форум – КИФ и претседател на Стопанската комора, Азески, додава дека поминаа три години од воведувањето на Планот за раст.

„Коморскиот инвестициски форум од првиот ден го поддржува овој инструмент, бидејќи тој ја менува логиката на процесот: реформите конечно се поврзуваат со директен пристап до Единствениот пазар на Европската Унија и со конкретна финансиска поддршка. Тоа е пристап што бизнисот го разбира и го поздравува“, вели Азески. Сепак остануваат отворени повеќе прашања за кои бизнисот во регионот на Западен Балкан бара решение. 

Како прво, Азески го посочува проблемот со тарифните квоти на ЕУ за челик. Тоа, како што вели, претставува сериозна закана за производителите и извозниците, бидејќи ограничениот обем на бесцарински извоз и примената на дополнителна царина по исцрпувањето на квотите ја доведуваат во прашање конкурентноста на компаниите на нивниот најважен извозен пазар, што може да предизвика пренасочување на нарачките кон конкурентите, намалување на извозот и производството, како и негативни ефекти врз инвестициите и работните места.

Второ, границите и транспортот. Зелените ленти и спогодбите за граничните премини мора да станат реалност 24 часа на ден, седум дена во неделата. Автопатот на единствениот пазар нема да има смисла ако камионите со стока и понатаму чекаат со часови на границите. Секој изгубен час на граница е директна загуба на профит и конкурентност, вели Азески. 

Трето, стандардите и зелената транзиција. Усогласувањето со индустриските стандарди и склучувањето на спогодбите за оцена на сообразноста (ACAA) се неопходни за нашите производи да влегуваат на европскиот пазар без двојни контроли и дополнителни трошоци. Истовремено, примената на механизмот за јаглеродно прилагодување на границите (ЦеБАМ) и интегрирањето на енергетските пазари бараат итна и координирана поддршка, за да не доживеат нашите извозници ценовен шок. 

Четврто, дигитализацијата и капиталот. Иницијативите како „Роаминг како дома“, дигиталните иновациски хабови и најавениот Фонд за забрзан раст на Западен Балкан се вистинскиот правец. Но, пристапот до тие финансиски инструменти мора да биде ослободен од сложени бирократски процедури, за да стигне до малите и средните претпријатија кои се столбот на нашите економии, посочува Азески. 

„Кога ќе ги погледнеме бројките и состојбата на терен, мораме да бидеме искрени. Процесот на економска конвергенција сè уште се соочува со истите стари тесни грла. За компаниите, точките за кои дискутирате денес не се административни поглавја, туку директен услов за опстанок и конкурентност“, вели Азески.