Брод што превезувал 7.000 тони дизел гориво потона кај Ибица, еден морнар загина
Еден морнар загина во раните утрински часови откако брод што превезувал околу 7.000 тони дизел гориво потона кај брегот на Ибица, соопштија службите за итни случаи на Балеарските Острови.
Бродот потонал помеѓу 25 и 30 наутички милји северно од островот.
Останатите 16 членови на екипажот преживеале. Протоколите за итни случаи биле активирани поради ризик од истурање гориво.
Генералниот директор на Балеарските Острови за итни случаи и внатрешни работи, Пабло Гарис, изјави дека предупредувањето било примена околу 1:20 часот наутро од капетанот на пристаништето на Ибица.
Тој објасни дека бродот имал дупка во трупот, што подоцна предизвикало потонување. Шпанската поморска служба за спасување започнала морска и воздушна операција со поддршка на неколку бродови во областа.
Од 17-те евакуирани членови на екипажот, шестмина биле транспортирани на аеродромот на Ибица, а еден бил однесен директно во болницата Кан Мизес, каде подоцна бил прогласен за мртов, рече Гарис.
Главната загриженост за властите во моментов се можните еколошки последици од потонувањето на „Мед Емре“, со оглед на количината на гориво што го превезуваше, објавува „Еуроњуз“.
„Ги следиме можните еколошки последици што би можел да ги предизвика овој инцидент“, рече Гарис.
По потонувањето на бродот, беше активирано второ ниво од Националниот план за борба против загадувањето на морето, а владата на Балеарските Острови го активираше нултото ниво од Територијалниот план за цивилна заштита на архипелагот (ПЛАТЕРБАЛ).
Целиот обем на можните еколошки последици сè уште не е познат, а властите проценуваат дали ќе бидат потребни дополнителни мерки.
„Моментално ги чекаме резултатите од проценките што се спроведуваат и го следиме можниот развој на ситуацијата“, рече Гарис.