Кај кого е Фројд?: Жерновски вели дека е кај Мицкоски


 

Асоцијациите ги почна ВМРО-ДПМНЕ, сега ги продолжува СДСМ. Се работи за основачот на психоанализата Сигмунд Фројд.

Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, на денешната прес-конференција рече дека „Фројд има еден многу интересен концепт, кој се нарекува проекција. Тоа, всушност, е кога сопствените стравови, фрустрации и комплекси ги бараш кај некој друг.

Затоа, премиере, кога започна да правиш психоанализа на СДСМ, подобро ќе беше да си погледнеш во сопствениот двор.

Затоа што колку повеќе го споменуваш Фројд, толку појасно станува дека неговите теории најдобро ги објаснуваат токму твоите постапки. Или, ако сакаш попрецизно и подиректно, подобро ќе беше ординацијата да ја побараш во сопствената влада, или поточно, во твојот кабинет“.

Според Жерновски, деновиве имало два големи примери на фројдовски комплекси.

„Се сеќавате ли на патриотските денови на Мицкоски, кога ја убедуваше македонската јавност дека со Преспанскиот договор сме го изгубиле македонскиот идентитет.

Се сеќавате ли како СДСМ беше прогласен за предавник и сите ние што зборуваме во одбрана на тој концепт, Преспанскиот договор бевме нарекувани предавници.

Се сеќавате ли кога токму Мицкоски изјави дека, поради сè она што тие го сметаат за проблематично во Преспанскиот договор, штом ќе дојдат на власт, ќе го поништат договорот?

Тоа беше една голема, безобразна и огромна лага.

Прво, претседателката Силјановска ни објасни дека со Преспанскиот договор се зачувани македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Потоа, министерот Муцунски изјави дека не постојат северномакедонски јазик и северномакедонски идентитет, туку дека постојат македонскиот јазик и македонските граѓани.

И еве го сега Мицкоски, кој на почетокот, надвор од Македонија, изјави дека Преспанскиот договор е ремек-дело на дипломатијата, еве го деновиве со признание за тоа што тој всушност знае во себе, што содржи Преспанскиот договор.

Цитирам: ‘Преспанскиот договор го потврдува македонскиот идентитет е зачуван и дека македонскиот јазик е потврден во Обединетите нации“.

Жерновски рече дека Мицкоски ова го кажал надвор од Македонија и тоа на англиски јазик. И го повика тоа истото да го каже дома на македонски јазик. А потоа да им се извини на граѓаните што го кажувал спротивното.