Врховниот суд на Шпанија го ослободи каталонскиот сепаратистички лидер Карлес Пуџдемон


Врховниот суд на Шпанија го ослободи од одговорност каталонскиот сепаратистички лидер Карлес Пуџдемон, против кого се водеше правна постапка по неуспешниот обид за отцепување на Каталонија во 2017 година.

– Случајот е конечно затворен поради престанок на секаква можна кривична одговорност, како резултат на амнестијата доделена на Карлес Пуџдемон, се наведува денеска во објавената одлука на Врховниот суд.

Како последна фаза во спроведувањето на контроверзниот закон за амнестија, усвоен од шпанскиот парламент во 2024 година, оваа одлука доаѓа по укинувањето на налогот за апсење против Пуџдемон во октомври.

Иако законот беше усвоен од парламентот пред две години, Пуџдемон и другите сепаратистички лидери досега не можеа да ги искористат неговите придобивки, бидејќи Врховниот суд пресуди дека тој не се однесува на поединци против кои се води кривична постапка за злоупотреба на јавни средства.

Сепак, Уставниот суд, до кој се обратија заинтересираните страни, во октомври ја потврди уставноста на законот. Кратко потоа, Врховниот суд ги укина налозите за апсење што беа издадени против каталонските сепаратистички лидери.

Пуџдемон беше гонет во Шпанија по обвинение за бунт, проневера на јавни средства и непослушност кон државата, што произлегува од организирањето на нелегалниот референдум за независност на Каталонија во 2017 година.