Нападнат руски брод во пристаништето Бенгази


Експлозија на руски брод, закотвен во поморска база во Бенгази, источна Либија, најверојатно е предизвикана од напад со беспилотни летала. Ова го соопштија властите во источниот дел на земјата, повикувајќи се на прелиминарните наоди од истрагата за инцидентот, кој се случил рано во неделата.

Според официјалното соопштение на владата назначена од либискиот Претставнички дом, бродот се враќал во Русија и застанал во пристаништето Бенгази за да наполни гориво и да земе залихи. Застанувањето било извршено во рамките на постоечките договори за поморска соработка меѓу двете земји.

Првично, локалните служби пријавија експлозија и пожар во складиште за муниција во рамките на поморската база. Подоцна, владата на источна Либија појасни дека, врз основа на прелиминарните податоци, експлозијата се случила на рускиот брод и постои сомневање дека е предизвикана од беспилотни летала.

Според „Ројтерс“, два извори од медицинските служби известиле дека во инцидентот има повредени лица, но нема жртви. Бројот и националноста на повредените не се прецизирани. Властите потврдија дека објектите во пристаништето и поморската база, како и придружните складишта, останале неоштетени и функционираат нормално откако пожарот бил изгаснат, а областа обезбедена.

Надлежните безбедносни служби и воени структури добија налог да спроведат сеопфатна истрага и да се координираат со руските власти за спроведување на заедничка истрага. Целта е да се утврдат околностите околу инцидентот, потеклото на нападот и одговорните за него.

Владата на источна Либија го окарактеризира настанот како сериозно нарушување на националниот суверенитет, како и прекршување на безбедноста во пристаништето и сигурноста на поморската пловидба.

Во официјалното соопштение се нагласува дека Либија не е страна во војната меѓу Русија и Украина, ниту пак е вклучена во каков било друг вооружен конфликт надвор од своите граници. Властите изјавија дека нема да дозволат либиските пристаништа, територија или територијални води да се користат за решавање на меѓународни конфликти.

Владата соопшти дека го задржува правото да преземе неопходни правни и дипломатски мерки, како и да ги повика на одговорност сите за кои ќе се утврди дека биле вклучени во планирањето, извршувањето или олеснувањето на нападот.

Досега, ниту една страна не е официјално идентификувана како одговорна за наводниот напад. Понатаму, сè уште не се претставени конечните резултати од истрагата.