„Неиздржливо е. Итно да се одземат кравите“: Протест на жителите на Крива Паланка
Жителите од Крива Паланка и околните села денеска протестираа барајќи безбедност, заштита на имотот и итно спроведување на решенијата за одземање на околу 1.000 крави кои неконтролирано шетаат низ градот и предизвикуваат сериозни штети.
Како и досега во изјавите за медиумите на протестот се сведочеше за уништени насади, оштетен имот, материјални загуби и закани. Граѓаните бараа безбедност за семејствата и непречено обработување на нивите.
Градоначалникот Сашко Митовски рече дека ќе остане со граѓаните сè додека не се спроведе законот и последното грло добиток не биде изнесено од градот. Тој потсети дека решенијата се донесени пред повеќе од две и пол години и побара надлежните институции конечно да постапат.
Претседателот на Советот, Миле Трајковски, најави порадикални протестни мерки ако институциите не преземат конкретни активности. Поддршка за граѓаните изразија и пратениците Љупчо Николовски од СДСМ и Борислав Крмов од Левица.
Протестот следува по барањата на Општинскиот кризен штаб за Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба. На 18 ноември беа поднесени и кривични пријави, претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и барање за вонреден инспекциски надзор. Главните барања остануваат итно спроведување на донесените решенија, утврдување институционална одговорност и конкретна заштита на граѓаните и нивниот имот.