Исчистен подвозникот кај стоковна куќа „Мост“ – не фрлајте ѓубре од автомобилите
Подвозникот на булеварот „Гоце Делчев“, кај поранешната стоковна куќа „Мост“, е темелно исчистен во рамки на активностите за одржување на јавната хигиена во главниот град, соопшти попладнево градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
-По години негрижа, денес нашите екипи темелно го исчистија подвозникот на булеварот „Гоце Делчев“, кај поранешната стоковна куќа „Мост“ – наведе Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој истакна дека чистите и одржувани сообраќајници придонесуваат за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот.
-Чистиот коловоз значи побезбедно возење за секој што минува оттука. Доволно е една кеса да заврши на шофершајбната или едно шише да се стркала пред мотоциклист за нечија неодговорност да загрози друг човек – посочи Ѓорѓиевски.
Градоначалникот упати апел до граѓаните да не фрлаат отпад од возилата и да придонесат за почиста и побезбедна урбана средина.
-Апелирам до возачите и сопатниците да не фрлаат отпад од прозорците. Тоа е мал гест со кој покажуваме почит и кон оние што возат зад нас и кон луѓето што секојдневно ги чистат нашите улици – вели Ѓорѓиевски.
Тој порача дека градските служби ќе продолжат со активности за одржување на чистотата низ Скопје.
-Грижата за Скопје е секојдневна. Ние ќе продолжиме да го чистиме. Да го чуваме заедно! – нагласи во објавата скопскиот градоначалник Ѓорѓиевски.