Таа беше славена како најстар човек во Данска, а потоа одеднаш се покажа дека била нацист
Откриено е дека жената која сега има 112 години била водач на локалната нацистичка партиска организација за време на германската окупација
Во октомври, Данците ја прославија Кирстен Швалбе, која наполни 112 години и 218 дена, што ја прави најстариот регистриран државјанин во земјата. Два дена откако Швалбе го собори рекордот за возраст, беше откриено дека таа била водач на локалната нацистичка партиска организација за време на германската окупација на Данска.
Според објавените документи, таа се приклучила на крајно десничарската Данска Национал-социјалистичка работничка партија во август 1941 година и постепено се искачувала во редовите. Помеѓу август 1943 и јули 1944 година, таа била вршител на должноста лидер на организацијата во градот Холстебро. Според извештаите, таа исто така ја водела локалната женска група на партијата, а нејзиниот покоен сопруг, исто така, имал водечка позиција во данската нацистичка партија.
Швалбе првично негирала дека некогаш била нацист, но подоцна се обидела да го намали значењето на нејзиното членство во партијата, тврдејќи дека не знаела многу за што се залага организацијата. Таа инсистира дека е неправедно да се смета за одговорна за нејзините постапки за време на војната, бидејќи „во тоа време жените не го правеле тоа, тие им го оставале на мажите“.
„Мојот сопруг праша, а јас реков дека не ме интересира. Политиката воопшто не ме интересираше, па затоа само правев она што тој сметаше дека е исправно“, тврдеше жената.
Но, историчарите кои ги испитале документите велат дека Швалбе играла многу поважна улога во партијата отколку што самата признава. Според данскиот историчар Клаус Бундгард Кристенсен, таа била повеќе од обичен член на партијата на дното од хиерархијата. „Таа била многу повеќе од обичен активист“.
Данската нацистичка партија беше најголемото фашистичко движење во земјата, моделирано според организацијата на Адолф Хитлер во Германија. Швалбе се приклучила на партијата откако Германија ја нападна Данска во 1940 година. Данските нацисти соработуваа со окупаторите, а исто така регрутирале Данци да се борат во Вафен-СС.
Тајната на 112-годишната жена беше објавена во октомври од данскиот дневен весник „Кристелигт дагблад“. Весникот почнал да го истражува минатото на Швалбе откако била објавена нејзината биографија во која не се споменувале нејзините нацистички врски. Издавачот на книгата, Гилдендал, и авторите, Фредерик Хелмс и Лине Морел Холм, изјавија дека не биле свесни за нацистичките врски на Швалбе и ветија дека ќе ги додадат информациите во книгата во идните изданија.
Семејството на Швалбе им изјави на локалните медиуми дека постарата жена е длабоко потресена од вестите во печатот, но не сакаше дополнително да коментира за ова прашање. Пред да стане најстарата личност во Данска, Швалбе беше дел од најстариот пар браќа и сестри во светот, заедно со нејзиниот 104-годишен брат Бертел.
Откако Данска беше ослободена во 1945 година, властите судеа илјадници соработници и воени злосторници според законите по Втората светска војна.