Гилфојл замина, Грција продолжува да се преориентира кон скап американски гас
Кога Кимберли Гилфојл поднесе оставка во средината на октомври, таа влезе во историјата. Со мандат од 343 дена, таа стана американскиот амбасадор во Грција со најкраток стаж досега.
За поранешната водителка на „Фокс њуз“ (Fox News) и некогашна свршеница на Доналд Трамп Помладиот, нашироко се известуваше дека се заканувала оти ќе ја урне грчката влада, како и дека побарала „поткуп“ од 100.000 долари од еден американски бизнисмен.
Тоа не беше сè. Гилфојл беше обвинета и за промовирање на интересите на приватната грчка градежна компанија „Актор“ (Aktor) во рамките на „Вертикалниот гасен коридор“ (VGC) – енергетски проект поддржан од САД, наменет за транспорт на американски течен природен гас (LNG) од Грција кон Централна и Југоисточна Европа, како и кон Украина. Таа ги негираше обвинувањата против неа.
Создаден по руската анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година, VGC претставува мрежа на гасна инфраструктура што се развива етапно. Таа ги опфаќа Грција, Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Молдавија, Украина, а од оваа година и Северна Македонија и Србија – сè со цел да се намали зависноста на регионот од руските фосилни горива.

Проектот се смета за клучен за американските интереси во Југоисточна Европа и е силно промовиран од страна на Грција. Два дена пред оставката на Гилфојл, грчкиот министер за животна средина и енергетика, Ставрос Папаставру, изјави дека VGC „ја зајакнува улогата на Грција во регионот“.
Според експертите, вкупната инвестиција на Грција во проширувањето на VGC – што вклучува изградба на четири нови терминали за течен природен гас (LNG) и придружна гасоводна инфраструктура – би можела да достигне две милијарди евра. Оваа проценка е подложна на промени во трошоците, а тоа е уште пред да се земат предвид релативно високата цена на американскиот течен природен гас и сомнежите околу евентуалното финансирање од страна на ЕУ. Од Унијата велат дека нивната постоечка инфраструктура за пренос на природен гас е „доволно развиена“.
Дали парите се добро потрошени? Некои експерти сметаат дека не се, укажувајќи на податоци кои сугерираат дека постојат поевтини алтернативи. Според некои мислења, свртувањето на Грција кон американскиот течен природен гас повеќе се должи на политичкото усогласување на Атина со Вашингтон, отколку на некаква реална економска корист. Грција „ќе плати“, вели Сотирис Русос, професор по меѓународни односи на Универзитетот во Пелопонез, „за САД да имаат купувачи за својот многу скап природен гас“.
Американскиот гас е „многу поскап“
Во 2021 година, годината пред целосната инвазија на Кремљ врз Украина, Русија сè уште беше најголемиот поединечен снабдувач на природен гас за Европската унија, дури и по години на напори за диверзификација по анексијата на Крим. Таа година, Русија учествуваше со околу 40 отсто во увозот на гас преку гасоводи во ЕУ; до 2025 година, таа бројка падна на околу шест отсто. Во истиот период, според податоците на ЕУ, увозот на течен природен гас (LNG) од САД се зголеми тројно, со што Унијата стана најголемиот увозник на LNG во светот. Американскиот LNG учествуваше со речиси 58 отсто од вкупниот увоз.
Неколку дена откако Гилфојл ја презеде својата функција во Атина, на почетокот на ноември минатата година, Грција и САД потпишаа низа енергетски договори. Меѓу нив, грчката компанија „Atlantic SEE LNG Trade S.A.“ – заедничко вложување помеѓу „Aktor“ и грчката јавна корпорација за гас „DEPA Commercial S.M.S.A.“ – потпиша договор со американската енергетска компанија „Venture Global“ за снабдување со LNG во количина од најмалку 0,5 милиони тони годишно, во период од 20 години, почнувајќи од 2030 година. Договорот предвидува и можност за зголемување на обемот на набавка, до приближно 1,5 милиони тони годишно.
Грчките претставници велат дека соработката со „Venture Global“ е проект од „национално значење“, но Русос истакнува дека додека Европа се ослободува од зависноста од Русија, таа ризикува да западне во нов вид зависност: од американскиот природен гас, кој „е многу поскап од кој било друг конкурентен природен гас, без разлика дали е од Алжир, Иран, Катар или Азербејџан“.
Според Институтот за енергетска економија и финансиска анализа (IEEFA) со седиште во Охајо, Грција „континуирано плаќа највисока цена за американскиот LNG меѓу земјите-членки на ЕУ“. Во 2025 година, се наведува, Грција платила просечна цена од 38,7 евра за мегават-час, што е за 12 отсто повеќе од просекот што го платиле земјите од ЕУ.
IEEFA предвидува дека САД ќе станат најголемиот снабдувач на природен гас за Европа и за ЕУ во 2026 година, „при што до 2028 година би можеле да покријат 80 отсто од увозот на ЛНГ (течен природен гас) во ЕУ“. Сепак, во просек, „американскиот ЛНГ е најскап за европските купувачи“.
Во колумна објавена во октомври во весникот „Катимерини“, Константинос Филис, директор на Институтот за глобални прашања (IGA) напиша: „САД, искористувајќи ја неможноста на ЕУ да најде снабдувачи способни да ѝ парираат на Русија во однос на обемот, понудија ЛНГ – по повисока цена, но во големи количини – за да ги задоволат потребите на ЕУ“.

„Понатаму, одлуката да се искористи ’Вертикалниот коридор‘ му даде на проектот потребен залет, со оглед на тоа што европските власти беа воздржани кон секој план што не придонесуваше за зелената транзиција“, напиша Филис.
Андреас Стергиу, професор по меѓународни односи и европски односи на Катедрата за економија при Универзитетот во Тесалија, изјави за BIRN/Solomon: „Она што го сакаат САД е, прво, да продаваат енергенси, а второ, да го ограничат геополитичкото влијание на Русија“. Или, како што рече еден претставник на компанијата „Актор“ (Aktor), кој сакаше да остане анонимен: „Кој ја контролира енергијата, тој го контролира светот“.
„Многу неконкурентни“
Претставникот на „Актор“ беше дециден дека, кога станува збор за природниот гас, „не постои алтернатива“ за САД. Но, дали е тоа навистина така?
Во септември, „Грин тенк“ (Green Tank) – грчка непрофитна организација за заштита на животната средина објави дека трошоците за транзит до Украина (која има големи потреби од гас) се и до 76 отсто пониски кога гасот се набавува од други земји, како што се Хрватска, Германија, Литванија или Полска, во споредба со американскиот течен природен гас (LNG) што се испорачува преку Грција.
„Заклучивме дека ние [Грција] сме многу неконкурентни“, изјави Никос Манѕарис, виш аналитичар за политики во „Грин тенк“. „Постојат поекономични решенија, кои секој краен потрошувач природно би ги претпочитал“.
Според „Грин тенк“, во случајот со Унгарија – најголемиот потрошувач на гас во групата VGC – рутите за снабдување преку Австрија и Хрватска се меѓу 26 и 45 отсто поевтини. Дури и Михалис Томадакис, директор за стратегија и развој во грчкиот оператор на системот за пренос на природен гас, DESFA, потврди дека постојат поевтини рути.
„Ако целиме кон пазарите во Централна Европа, постојат шест до седум различни правци преку кои гасот може да се транспортира таму од европските брегови“, рече тој на енергетска конференција во Атина. Томадакис наведе дека транспортот на гас од Ревитуса – терминал за течен природен гас (LNG) кој функционира уште од 2000 година на мал, ненаселен остров во Саронскиот Залив – бил „четвртата најевтина опција“ за испорака до Украина. Дополнително, земји како Унгарија, Романија и Бугарија се на добар пат да ги исполнат своите цели за енергија од обновливи извори, која, според експертите, е генерално поевтина од гасот.
Сопственикот на „Актор“ (Aktor), Александрос Ексарху, тврди дека проблемот не е само во цената, туку и во достапноста.
„Најголемиот ризик за земјите-членки на Европската унија е неможноста да се обезбедат доволни количини“, изјави тој на 16-тиот Грчки форум за поморство „Capital Link“ во февруари. „Долгорочните договори се клучни за обезбедување на енергетското снабдување и стабилноста на цените.“
Русос од Универзитетот во Пелопонез изјави дека единствените земји што се релативно блиску до Европа и поседуваат резерви „споредливи со оние на Русија“ се Иран и Катар. Иран е единствената земја од која би можел да се протега гасовод преку Турција до Европа, што „би било поевтино“. Но, Иран моментално е во состојба на конфликт со САД.
Кој ќе ги сноси трошоците?
Во Грција моментално работат два терминала за увоз на течен природен гас (LNG): Ревитуса и една пловечка единица за складирање и регасификација (FSRU) во Александруполис [во функција од крајот на 2024 година]. Од 2019 година, плановите на Грција вклучуваат развој на уште три пловечки единици (FSRU): во Коринт, Волос и Солун, при што се планира и дополнителна единица во Тракија, која би функционирала како дополнување на терминалот во Александруполис.
Во своите изјави во февруари, Ексарху предвиде дека побарувачката долж коридорот VGC ќе достигне 15 милијарди кубни метри годишно до 2027 година; во интервју минатиот месец, тој наведе дека Грција моментално има капацитет за транспорт на до 4,5 милијарди кубни метри годишно. Влијателни грчки деловни субјекти би ги контролирале сите четири терминала:
Пловечката единица (FSRU) „Dioriga Gas“ во Коринт: ја развива компанијата „Motor Oil“, која е во сопственост на влијателното семејство Вардиногианис; „Актор“ исто така преговара за свое вклучување. FSRU-терминалот „Аргос“ во Волос е во сопственост на бродовласничкото семејство Драгнис. FSRU-терминалот во Солун, проект на „Елпедисон“ (Elpedison), е 100% под контрола на „Хеленик енерџи“ (HELLENiQ ENERGY) – поранешен „Хеленик петролеум“ (Hellenic Petroleum).Инвестицијата во новиот FSRU-терминал во Тракија е на компанијата „Гастрејд“ (Gastrade SA) – заедничко вложување формирано од пет рамноправни партнери, меѓу кои е и групацијата „Копелузос“ (Copelouzos Group), која има интереси во секторите енергетика, инфраструктура и недвижности.
Манцарис од организацијата „Грин тенк“ (Green Tank) изјави дека, според конзервативните проценки, изградбата на четирите терминали би чинела повеќе од една милијарда евра. Во оваа сума не се вклучени трошоците за проширување на гасоводната мрежа, надградба на инфраструктурата и други елементи, кои би можеле да ја зголемат вкупната бројка до две милијарди евра. Според анализата на БИРН за трошоците наведени во медиумските извештаи, вкупната сума – само за терминалите – би можела да надмине 1,5 милијарди евра.
Сè уште не е објавено во колкава мера овие проекти ќе бидат финансирани од државата и/или од ЕУ. Без вакви субвенции, експертите се скептични во однос на нивната долгорочна одржливост.Според анализата на „Гринпис Грција“ (Greenpeace Greece), објектот во Александруполи е изграден со помош на околу 274 милиони евра од фондовите на ЕУ. Според Димитрис Копелузос, првиот човек на „Копелузос Груп“ (Copelouzos Group), вкупните инвестициски трошоци изнесувале 490 милиони евра.
Претходната надградба на терминалот „Ревитуса“ (Revithoussa), спроведена во 2007 и 2018 година, чинеше приближно 91 милион евра, од кои речиси 32 милиони евра беа обезбедени од средства на ЕУ. Копелузос вели дека новиот терминал во Тракија – кој всушност претставува проширување на капацитетите во Александруполи – би чинел 650 милиони евра. Сепак, малку е веројатно дека ќе се обезбеди европско финансирање, со оглед на тоа што Унијата веќе не ги смета проектите за фосилен гас за прифатливи, а Европската инвестициска банка повеќе не одобрува заеми за такви потфати.
Костис Сифнаиос, извршен директор на компанијата „Гастрејд“ (Gastrade) која управува со проектот, изјави дека за инвестицијата во Тракија бараат „долгорочни договори за резервација на капацитети“, бидејќи „економската одржливост зависи од постоењето на долгорочни договори“. На средба со новинари во декември 2025 година, Копелузос изјави: „Знаеме дека втората FSRU единица (лебдечка единица за складирање и регасификација) ќе биде проект со ниска профитабилност“.
„Кој и да ја изгради втората FSRU единица, ќе биде добротвор за земјата. Но, ако некој изгради и трета, ќе биде – уништен добротвор“, рече тој.
Слична е ситуацијата и во Коринт: според компанијата „Мотор Оил“ (Motor Oil), која го развива проектот, одржливоста и конкурентноста на постројката се невозможни без „државна помош“.
Русос изјави за BIRN/Solomon: „Во Грција, компаниите научија да не плаќаат за ништо. Капиталот што самите компании реално го вложуваат е исклучително мал“, рече тој. „Оваа појава не е карактеристична само за Грција, но овде навистина отиде предалеку“.
Во својата статија, Филис напиша: „нестабилноста на енергетскиот пазар ја засилува стратешката неопходност од ’Вертикалниот коридор‘, но истовремено ја попречува неговата комерцијална одржливост“.
Нејасно финансирање
Останува нејасно колку ќе чини проширувањето на VGC и како тоа ќе се финансира, но буџетите за инфраструктурни проекти имаат тенденција значително да се зголемуваат. Повикувајќи се на јавни документи и податоци добиени преку барања за слободен пристап до информации, експертот за гас од организацијата „Bankwatch“, Ралука Петру, изјави дека во Романија, националниот оператор на системот за пренос на гас „Transgaz“ првично проценил дека трошоците за надградба на инфраструктурата на романскиот дел од VGC ќе изнесуваат 25 милиони евра, но на крајот побарал 100 милиони евра од јавни средства.
Документите покажуваат дека компанијата се обидела да обезбеди финансирање од Фондот за модернизација на ЕУ – создаден за да им помогне на земјите-членки со пониски приходи да ги исполнат своите енергетски цели. Според „Евалуацијата на Фондот за модернизација“ – извештај нарачан од Европската комисија и објавен оваа година – Европската инвестициона банка на крајот го одбила барањето, бидејќи тоа не ги исполнувало условите за намалување на емисиите.
Како одговор на оваа приказна, грчкиот оператор DESFA изјави дека во тек е проценка на „преостанатите тесни грла“ и „потенцијалните инвестиции“, при што резултатите се очекуваат до крајот на оваа година.
„Вертикалниот коридор (VGC) првенствено се однесува на подобро искористување на постоечката инфраструктура низ Југоисточна Европа, надополнето со насочени инвестиции таму каде што е потребен дополнителен капацитет“, наведоа од операторот на системот за пренос на гас.
Од DESFA нагласија дека секоја дополнителна инвестиција ќе се оценува врз основа на сигурноста на снабдувањето, отпорноста на системот, реалните потреби на пазарот, економската оправданост и очекуваната побарувачка, при што трошоците ќе се покриваат преку соодветната регулаторна рамка.
„Наш приоритет е да обезбедиме ефикасен развој на инфраструктурата, истовремено избегнувајќи непотребни инвестиции и ограничувајќи ги дополнителните трошоци за корисниците на системот.“
Во однос на намалувањето на трошоците за транспорт преку VGC, од DESFA наведоа дека е потребно „подобрување на координацијата помеѓу операторите на системите за пренос“ и поефикасно користење на „постоечката инфраструктура“.
„Иако вкупните трошоци за транспорт зависат од неколку фактори, вклучително и тарифите во земјите учеснички, овие прилагодувања претставуваат важен чекор кон подобрување на конкурентноста на Коридорот“, се вели во соопштението.
Склучени договори во Албанија и Босна. А Украина?
„Aktor“ претходно беше позната како градежна компанија, но во 2025 година се прошири во енергетскиот сектор со основањето на „Atlantic SEE LNG Trade S.A.“
Според „The Wall Street Journal“, Гилфојл отпатувала за Давос со приватен авион на сопственикот на „Aktor“, Ексарху, и во текот на неколку месеци „помогнала да се придобијат половина дузина земји – од Албанија до Романија и Украина – за потпишување меморандуми за разбирање или други изјави“, со кои тие го изразиле својот интерес за купување американски ЛНГ (течен природен гас), особено преку „Aktor“. „WSJ“ исто така објави дека Христос Марафацос, грчко-американски претприемач и лобист за „Aktor“, ѝ се придружил на Гилфојл на нејзините средби со владини претставници.
Ексарху не негираше дека ѝ овозможил превоз на Гилфојл до Давос, но изјави дека биле испочитувани сите потребни процедури; тој наведе дека „Aktor“ не е единствениот клиент на Марафацос и отфрли какви било тврдења за неправилности.
За време на нејзиниот краток престој во Грција, забележано е дека Гилфојл интензивно патувала низ регионот промовирајќи го американскиот ЛНГ. Во тој период, се чини дека Ексарху пронашол пазар во Албанија и во Босна и Херцеговина за американскиот ЛНГ со кој тргува.
На 28 април, „Aktor LNG USA“ – американска подружница на „Aktor“ – потпиша 20-годишен комерцијален договор со албанската државна компанија за природен гас „ALBGAZ“ за продажба на американски ЛНГ во Албанија. Проценетите приходи за целиот период на траење на договорот изнесуваат шест милијарди евра.
Еден ден подоцна, „Aktor LNG USA“ потпиша 20-годишен договор со „ALUMINIJ INDUSTRIES“ во Босна и нејзината матична компанија, „M.T. Abraham“, за испорака на 0,5 милијарди кубни метри годишно, почнувајќи од 2030 година. Приходите за целото времетраење на договорот се проценуваат на три милијарди евра. Во октомври, Ексарху изјави дека количината на американски ЛНГ (течен природен гас) што неговата компанија се договорила да ја купи од „Венчр глобал“ (Venture Global) во периодот од 2030 до 2050 година, е опфатена со овие два договора.
Истовремено, „Актор ЛНГ САД“ (Aktor LNG USA) потпиша Меморандум за разбирање за развој, изградба и управување со термоелектрана на природен гас со капацитет од приближно 380 MW во Албанија. Понатаму, постигнат е договор за идна соработка во врска со развојот, изградбата и управувањето со термоелектрана на природен гас во Мостар, Босна.
Минатата година, компанијата на „Актор“ – „Атлантик СЕЕ ЛНГ Трејд“ (Atlantic SEE LNG Trade S.A.) – потпиша Меморандуми за разбирање со државната украинска компанија „Нафтогас“ (Naftogaz), романската „Нова Пауер енд Гас“ (Nova Power & Gas) и романската државна компанија „Трансгаз“ (Transgaz), кои се однесуваат на испорака на ЛНГ почнувајќи од 1 јануари 2030 година. „Нафтогас“ изрази интерес за купување до 0,7 милиони тони ЛНГ годишно, а романските компании – до 1,4 милиони тони. Ексарху тврди дека „долгорочните договори се клучни за обезбедување на снабдувањето со енергија и стабилноста на цените“.
Во својот извештај за 2025 година, „Актор“ наведува првичен договор за продажба на ЛНГ во Украина, при што „Актор“ ќе го набавува гасот од американскиот огранок на „БП“ (BP) и ќе го препродава на „Нафтогас“. Сепак, во извештајот не се наведува конкретната количина. Всушност, на неодамнешната аукција за гас, „Нафтогас“ не покажа никаков интерес за набавка на американски ЛНГ преку Грција. Од „Нафтогас“ за „Волстрит џурнал“ (WSJ) изјавија дека ги прекинале преговорите со „Актор“.
Во меѓувреме, Министерството за енергетика на Албанија соопшти дека не е целосно убедено оти аранжманот со „Атлантик СЕЕ ЛНГ Трејд“ (компанија на „Актор“) ќе биде економски исплатлив, поради што чекаат да се заврши студијата за изводливост.
Во октомври, Ексарху изјави дека станува збор за „завршена работа, која не подлежи на никакви услови“. Меморандумот за разбирање со романскиот Трансгаз оттогаш истече, додека романскиот производител на гас Ромгаз наводно отфрлил предлог за снабдување со американски течен природен гас (LNG) од страна на Atlantic SEE LNG Trade во период од 20 години, откако идентификувал потенцијални годишни загуби од 50 до 310 милиони евра.
Гиоргос Полихрониу, консултант за менаџмент во DEPA, изјави дека Романија работи на отворање сопствен гасен објект во 2027 година за да пополни приближно половина од празнината создадена од загубата на руски гас.
ЕУ: инфраструктурата за природен гас е „доволно развиена“
Еден функционер на ЕУ, зборувајќи под услов да остане анонимен, ја призна „важната улога“ што ја игра американскиот течен природен гас (LNG) во поддршката на „фазното повлекување“ од рускиот гас од страна на блокот. Иако ЕУ „внимателно го следи“ VGC, рече функционерот, нејзин моментален приоритет е „да се максимизира ефикасното користење на инфраструктурата што веќе постои“.
Инфраструктурата за пренос на природен гас на ЕУ „е доволно развиена, добро поврзана и флексибилна“ за да им овозможи на своите членки пристап до увоз на течен природен гас и цевководи од различни извори.
IEEFA, која ги следи глобалните енергетски податоци, проценува дека Европа ќе го зголеми својот капацитет за увоз на течен природен гас (LNG) за шест проценти во 2026 година, при што вкупното проширување на капацитетот за увоз на течен природен гас (LNG) помеѓу 2023 и 2025 година ќе достигне 24 проценти. Во исто време, сепак, IEEFA забележува дека „континентот ја заменил својата зависност од рускиот гасоводен гас со изложеност на LNG, чија цена е одредена на нестабилните глобални пазари“.
Од друга страна, побарувачката за природен гас се намалува. Доколку Европа ги продолжи своите напори за ограничување на потрошувачката на гас, IEEFA предвидува „дека капацитетот за увоз на LNG во 2030 година би можел да го надмине вкупниот природен гас“. Дури и сопствениот Национален план за енергетика и клима на Грција поставува цел – до 2035 година, повеќе од 90 отсто од домашното производство на електрична енергија да се обезбедува од обновливи извори на енергија. Па, зошто тогаш е толкав притисокот за увоз на течен природен гас (LNG) од САД?
Во 2024 година, весникот „Њујорк тајмс“ (The New York Times) оцени дека главната придобивка за Грција од нејзиното свртување кон американскиот течен природен гас е „политичка, а не економска“.
„Грција се позиционира како централен фактор за европската енергетска безбедност и игра клучна улога во стратегијата на Западот за изолација на Русија“, пишува весникот, додавајќи дека „вистинската заработка ќе заврши кај американските компании за гас“.Експерти со кои разговараа новинарите од BIRN и „Соломон“ (Solomon) сметаат дека енергетската политика на Грција е водена од желбата за поблиско усогласување со САД.
„Сакаме да бидеме ’доброто дете‘ за САД и да се усогласиме со американските политики во регионот“, вели Русос. „Причината е очигледна: веруваме дека, од геополитички аспект, играме улога која до одреден степен ќе ја зголеми важноста на земјата.“ Сепак, тој додава: „Не сакаме да отвораме прашање за некаква размена ’услуга за услуга‘. Ние не добиваме никакви надоместоци, ниту пак наплаќаме такси за транзит.“
Освен економските аспекти, треба да се земат предвид и влијанијата врз животната средина што произлегуваат од енергетската политика на Грција. Неодамна, грчката влада – преку компанијата HELLENiQ ENERGY (поранешен Hellenic Petroleum) – потпиша низа договори со американските нафтени гиганти „Шеврон“ (Chevron) и „ЕксонМобил“ (ExxonMobil) за истражување на јаглеводороди во морските подрачја јужно од Крит и Пелопонез, во северозападниот дел на Јонското Море, како и во јужниот дел на Јонското Море.
„Цврсто веруваме во ’Вертикалниот коридор‘ како алтернатива на рускиот гас“, изјави премиерот Киријакос Мицотакис на една од церемониите за потпишување договори во февруари 2026 година.„Исто така, сакаме да произведуваме сопствен природен гас“, рече тој. „На Европа ѝ е потребен, а ние сакаме да ѝ го обезбедиме.“
Стергиу, од Универзитетот во Тесалија, изјави дека доделувањето дозволи за експлоатација на јаглеводороди е „злосторство кон животната средина, кон идните генерации, како и кон Средоземното Море“.
Во октомври 2024 година, студија на Универзитетот Корнел од САД покажа дека еколошкиот отпечаток на течниот природен гас (LNG), во временска рамка од 20 години, е за 33 отсто полош од оној на јагленот. Во текот на целиот синџир на снабдување со течен природен гас – експлоатација, транспорт и регасификација – доаѓа до значително истекување на метан. Метанот е повеќе од 80 пати поштетен за атмосферата отколку јаглерод диоксидот.
Минатиот месец, Европскиот парламент гласаше за одложување до 2030 година на Регулативата за метан, која ќе ги обврзеше нафтените и гасните компании да ги евидентираат емисиите на метан, да ја подобрат инфраструктурата и да преземат мерки за спречување на истекувањата.Десет од вкупно 21 грчки пратеник во Европскиот парламент учествуваа во гласањето. Фреди Белери, Манолис Кефалојанис и Димитрис Циодрас – сите пратеници од грчката владејачка партија „Нова демократија“ – гласаа за одложувањето, исто како и Емануил Франгос од десничарската популистичка партија „Грчко решение“. „Политико“ (Politico) објави дека до гласањето дошло „по повеќемесечна кампања на притисок од страна на нафтените и гасните компании“.
Непосредно пред гласањето, американскиот нафтен гигант „ЕксонМобил“ (ExxonMobil) платил 31.500 долари за објавување авторски текст во „Политико“, во кој се изнесуваат аргументи против воведувањето на такви ограничувања. (Balkan insajt)