Поранешниот тренер на Пандев во преговори за селектор на Македонија
Турскиот тренер Хамза Хамзаоглу започнал разговори со Фудбалската федерација на Македонија за преземање на функцијата селектор на националниот тим, објавија турски медиуми. Информацијата ја пренесуваат „Ајанспор“ и други турски спортски портали, повикувајќи се на новинарот Решат Џан Озбудак.
Хамзаоглу има 56 години, а македонската јавност го памети и по периодот кога беше тренер на Галатасарај, во сезоната 2014/2015, кога во турскиот клуб настапуваше и Горан Пандев.
Последниот ангажман на турскиот стратег беше во саудискиот Ал-Шабаб, каде што работеше како помошник на Фатих Терим. Клубот го напушти во јуни 2025 година и оттогаш нема тренерски ангажман.
Во својата кариера Хамзаоглу водеше повеќе турски клубови, меѓу кои Малатијаспор, Ејупспор, Денизлиспор, Акхисар, Бурсаспор, Анталијаспор, Генчлербирлиги, Кајсериспор и Ризеспор.
Најголемиот успех го постигна со Галатасарај во сезоната 2014/2015, кога освои три трофеи – шампионската титула во турското првенство, Купот на Турција и Суперкупот.
Информациите за разговорите со ФФМ доаѓаат во период кога иднината на селекторската позиција е во фокусот по серијата слаби резултати на репрезентацијата. Според турските медиуми, Македонија нема победа на последните десет натпревари под водство на Гоце Седлоски. Во Лигата на нации, националниот тим ја заврши групната фаза со шест порази и го освои последното место.
Засега нема официјална потврда од Фудбалската федерација на Македонија за преговорите со Хамзаоглу, ниту информации за евентуален договор.