Влен не сака Македонија да соработува со Србија, само со Косово
Владејачката Влен денеска преку соопштение до медиумите упати критики до лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, поради неговите ставови за регионална соработка со Србија и иницијативата Отворен Балкан.
Оттаму велат дека Ахмети повторно се обидува да ја актуализира иницијативата велејќи дека регионалниот мир се гради преку соработка со Србија.
„Со истата Србија што не го признава Косово, не побарала извинување за геноцидот од 1999 година и продолжува да спонзорира терористички напади како оној во Бањска, за кој Ахмети никогаш не проговорил. Со истата Србија што продолжува да не ја признава независноста на Косово, која ние ја гледаме како предуслов за нормализација на односите меѓу двата народа“, се вели во партиското соопштение.
Од Влен велат дека нивната политика е насочена кон зајакнување на врските со Албанија и Косово преку инфраструктурни и економски проекти, меѓу кои Коридорот 8, автопатот Скопје-Блаце, патниот правец Тетово-Призрен и системот за заеднички проверки на граничните премини.
Во соопштението, партијата оценува дека националните прашања не треба да бидат предмет на политички и семејни интереси, поврзувајќи ги овие забелешки и со случајот Алта банка.
„А носталгичарите на Отворен Балкан треба да сфатат дека националното прашање никогаш повеќе нема да биде заложник на тесни групни и семејни интереси, ниту монета во сомнителните трансакции на сватот што ни ја донесе Алта банка“, додаваат од Влен.