Општините Ресен, Пустец, Преспа и Девол одржаа заеднички форум за развој на Регионот до 2035 година – главен приоритет, спречување на иселувањето на младите


 Општините Ресен, Пустец, Преспа и Девол одржаа заеднички форум за развој на преспанскиот регион до 2035 година и дефинираа клучни приоритети за иднината регионот.

Од Општина Ресен информираа дека главен приоритет на соседните општини од трите држави во регионот е задржување на младите во регионот,  отворање нови работни места и професионални можности за да се спречи иселувањето, а потоа е заштитата на езерата и природата, поддршка на локалното земјоделстви и развој на туризмот.

-На Преспа и е потребен туризам во текот на цела година и затоа ќе се организира промоција на Преспа како единствена прекугранична туристичка дестинација. Потребна е и подобра прекугранична поврзаност за надминување на административните пречки на границите и обезбедување пристап до заеднички европски фондови за сите три земји, како и посилни врски меѓу жителите со можност за секојдневна комуникација, доверба и соработка меѓу граѓаните од трите страни, особено меѓу младите, нагласија од локалната самоуправа.

Изработката на стратегијата продолжува преку отворени работни групи, со план за нејзино финализирање во март 2027 година.