Писториус ја нарече “прилично глупава“ критиката од САД за украинските напади
Германија му возврати на Вашингтон во врска со украинските напади длабоко на руска територија. Германскиот министер за одбрана Писториус ја нарече критиката на претставникот на Пентагон, Колби, „прилично глупава работа“, тврдејќи дека Киев не треба да се обвинува за нападите врз руската воена машина.
Елбриџ Колби, заменик-помошник секретар за одбрана на САД – кој моментално ги претставува Соединетите Држави на состанокот во „форматот Рамштајн“ – ги критикуваше украинските операции за напади „длабоко во заднината“. Конкретно, тој ја доведе во прашање ефективноста на стратегијата за таргетирање на логистичките центри на „Wildberries“ – објекти што активно се користеле за трговија со компоненти за беспилотни летала и воена опрема. Тој тврди дека целта – „да им се нанесе страдање на Русите“ – не се постигнува, а Москва на овие напади одговара со дополнителна ескалација. Како резултат на тоа, тој сугерира дека сојузниците треба повеќе да се фокусираат на зајакнување на линијата на фронтот и проширување на капацитетите за напади на оперативна длабочина, наместо на напади „длабоко во заднината“.
Писториус одговарајќи на Колби ги оцени украинските напади како неопходна одбрана од рускиот државен тероризам.
„Критикувањето на ваквите напади во внатрешноста на Русија, чија цел е уништување на нејзините стратешки воени цели и објекти што се користат за воени цели, според мене, е прилично глупаво.Наместо да го критикуваме тоа, треба да ги критикуваме руските терористички напади – кои се случуваат секоја ноќ и секој ден – насочени против цивилната инфраструктура за енергија, вода и греење во Украина. Тоа е тероризам. Треба да зборуваме за тоа, а не за законитите и легитимни напади на Украина врз нецивилни цели во рамките на Русија“, порача германскиот министер за одбрана.