Блокирани сметките на компанијата „Алта груп“ на Давор Мацура
Сметките на компанијата „Алта груп“, која е сопственик на Алта банка во стечај, се блокирани од 13 ноември, според податоците од регистарот на должници во присилна наплата што го води Народната банка на Србија, објави денес магазинот „Недељник“.
Износот на блокадата денес, во 9 часот наутро, изнесуваше 676,7 милиони динари, а вкупно 105 динарни и девизни сметки беа блокирани врз основа на присилна наплата.
„Алта груп“ има вкупно 126 сметки во осум српски банки, а „во зелено“ се само сметките кои инаку не подлежат на блокирање, како што се оние наменети за исплата на боледување на вработените и слично.
Стопостотниот сопственик на „Алта груп“, Давор Мацура, беше уапсен на 2 ноември, а два дена подоцна му беше одреден притвор до 30 дена.
Тој е осомничен за злоупотреба на положбата на одговорно лице, односно дека стекнал нелегална финансиска добивка од приближно 45 милијарди динари со неовластено подигнување пари од трезорот на Алта банка.