Џеф Безос бил „силно вклучен“ во изборот на Роберт Патинсон за улогата на Џејмс Бонд
Основачот и претседател на „Амазон“, Џеф Безос, неодамна на настанот „Silicon Valley & The World“ во организација на „Semafor“, откри дека бил „силно вклучен“ во процесот преку кој „Amazon MGM“ го избра Роберт Патинсон за следниот Џејмс Бонд.
Безос изјави дека, бидејќи улогата на Бонд традиционално служи за создавање ѕвезди, тие првично имале „одредени предрасуди“ кон ангажирањето на Патинсон, токму затоа што тој е веќе „многу славен“. Сепак, откако го стесниле изборот на пет кандидати и спровеле пробни снимања, тој се покажал како „очигледен“ избор.
„Спроведовме многу ригорозен процес и конечната одлука ја донесовме во петокот“, рече Безос. „Првично имаше голема група кандидати, која ја сведовме на пет финалисти. Со овие петмина направивме вистински, класични пробни снимања. Беше интересно – со целосни костими, вистински сценографии и други актери. Снимивме три различни сцени со секој од петте финалисти, а потоа во петокот се собравме и поминавме неколку часа разгледувајќи ги сите снимки и анализирајќи го материјалот.“
Тој додаде: „Кога стигнавме до листата од петмина, сите беа неверојатни. Но, кај Роб и неговата изведба имаше нешто посебно. Одлуката беше донесена веднаш, без никаква дилема. Денис [Вилнев], режисерот… сите некако се наклонивме кон Роб. Првично имавме одредени резерви токму поради тоа што тој е веќе толку славен – размислувавме дали можеби би било подобро да избереме некој помалку познат – но за време на пробните снимања стана сосема очигледно дека тој е Џејмс Бонд.“
Во понеделникот, „Amazon MGM“ официјално го најави Патинсон како следниот Џејмс Бонд, ставајќи крај на повеќенеделните интензивни медиумски шпекулации. „Џејмс Бонд е еден од најлегендарните ликови во филмската историја, а да ми се довери улогата на 007 е чест што се доживува само еднаш во животот“, изјави ѕвездата од филмовите „Бетмен“ и „Прајмтајм“ (Primetime) откако веста беше објавена. „Длабоко сум им благодарен на Денис, Ејми, Дејвид, Тања и на сите во ’Amazon MGM Studios‘ за довербата што ја имаат во мене. Да се каже дека оваа улога е остварување на сонот, би било премалку. Не можам да бидам повозбуден за ова партнерство и за работата што претстои со овој фантастичен тим.“
Иако Безос не ги спомна по име, аналитичарите од индустријата, се чини, имаа добра претстава за тоа кои се финалистите за улогата на Бонд, непосредно пред последниот викенд од кастингот. Во потесниот избор на главни кандидати беа Калум Тарнер, Џош О’Конор, Џек Лауден и Николас Холт. Меѓу другите имиња за кои се шпекулираше дека се во игра, беа Џејкоб Елорди, Том Френсис, Арон Тејлор-Џонсон, Харис Дикинсон, па дури и Хари Стајлс.
„Amazon“ го финализираше договорот за преземање на „MGM“ – студиото што стои зад серијалот за Џејмс Бонд – во 2022 година. Сепак, компанијата немаше креативна контрола врз франшизата сè додека не ги откупи правата од долгогодишните продуценти на Бонд, Мајкл Г. Вилсон и Барбара Броколи, за сума од 20 милиони долари. Филмот на Денис Вилнев и Патинсон ќе биде првиот што ќе биде објавен по склучувањето на овој договор. (Варајати)