„Nissan“ ги претвора отфрлените листови од ананас во издржливи каросериски делови
Првиот процес во светот за вткајување влакна од листови од ананас во композитен материјал за автомобилски каросерии е развиен во соработка меѓу „Nissan“ и „Food Reborn“, а би можел да најде широка примена.
„Nissan Motor“ и „Food Reborn“ заеднички ги развија првите каросериски делови изработени од пластика зајакната со природни влакна („NFRP“) добиени од листови од ананас. Во рамките на соработката, „Nissan“ ќе ѝ го лиценцира на „Food Reborn“ своето производствено знаење за обработка на вакви композитни материјали. Целта е да се поттикне поширока примена на напредни композити со високи перформанси преку искористување суровини што досега останувале неискористени. Со тоа, во рамките на планот „Nissan Green Program 2030“, компанијата развива лесни материјали со конкурентна цена и помало влијание врз животната средина.

Одржливи материјали
Поттикот за развој на новиот материјал дојде од автомобилскиот спорт, каде што одржливоста станува сè поважна, покрај високите барања што ги наметнуваат натпреварувачките услови. На трките со сериски автомобили, правилата налагаат употреба на одржлива пластика зајакната со природни влакна при секоја модификација на надворешните каросериски делови. Малиот број специјализирани добавувачи во овој сектор досега им создаваше сериозни пречки на тимовите, ограничувајќи ја стабилноста на снабдувањето и зголемувајќи ги трошоците за набавка.
За да го решат овој проблем, партнерите во проектот го споија искуството во развојот на композити со познавањето на растителните влакна. Заеднички го воспоставија првиот процес во светот со кој влакната извлечени од листовите од ананас се претвораат во право предиво, потоа се ткаат во ткаенина и на крајот се користат како зајакнување во композитен материјал. За разлика од претходните начини на користење на овие влакна, новиот метод овозможува нивна примена во композити со високи перформанси. Притоа, добиениот материјал постигнува поголема затегнувачка цврстина од вообичаените материјали на база на ленени влакна.

Отпадот го претвораат во суровина
Во светот секоја година се отфрлаат повеќе од 50 милиони тони листови од ананас без воопшто да се искористат. Новиот процес отвора можност да се создаде дополнителна вредност од оваа досега неискористена суровина. „Nissan“ ѝ ја лиценцираше на „Food Reborn“ технологијата за производство на право предиво, ткаенина и претходно импрегниран материјал, односно полупроизвод за обликување во кој влакната се натопени со смола. Со овој потег, „Nissan“ продолжува да ја комерцијализира својата интелектуална сопственост, вклучително и патентите и техничкото знаење стекнато при развојот на возила. Од компанијата нагласија дека, благодарение на малата маса и помалото влијание врз животната средина, новиот композит има потенцијал за примена и во многу други индустрии надвор од автомобилскиот сектор.