Судењето за нападот врз Сара закажано за 27 ноември


 

Судењето против 31-годишниот Кристијан Корабоски, обвинет за нападот врз 26-годишната Сара Ѓорѓиеска од Охрид, е закажано за 27 ноември. Oбвинителството, покрај медицинската документација и другите собрани докази, располага и со видеоснимки поврзани со кривичните дела за кои се товари Корабоски. Според информациите објавени од „Вечер“, меѓу доказите што полицијата дополнително ги обезбедила има и видеоснимки од настаните што му се ставаат на товар на обвинетиот.

На Корабоски му е определен 30-дневен притвор, откако Обвинителството поднесе обвинение за три кривични дела: телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. Обвинението за противправно лишување од слобода се однесува на настанот во автомобилот, кога Сара барала да ја пушти да излезе, но тој одбил и продолжил да вози со голема брзина.

Во меѓувреме, Сара е пуштена од болницата „Св. Еразмо“ во Охрид, но продолжува со испитувања на клиника во Скопје за да се утврди нејзината целосна здравствена состојба. Според првичните информации од болницата, таа имала повеќе повреди, хематоми и модринки.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, најави и проверка на евентуални пропусти во полициското постапување во случајот.