Нова пресуда за Хашим Тачи – доби уште 17 месеци затвор


Хашим Тачи во судницата во Хаг

 

Поранешниот претседател на Косово и еден од водачите на Ослободителната војска на Косово Хашим Тачи изјави дека денешната пресуда на Специјалниот суд во Хаг, со која беше осуден на 17 месеци затвор за откривање доверливи информации и имиња на заштитени сведоци, е „политика, а не правда“.

Тачи беше прогласен за виновен за обид за попречување на службени лица во вршењето на нивните службени должности, кршење на тајноста на постапката и непочитување на судот.

„Ова е политика, а не правда“, рече Тачи, како што објавија приштинските медиуми кои присуствуваа на изрекувањето на пресудата.

Сообвинетите соработници на Тачи, Башки Смакај и Фадиљ Фазљи, беа осудени на по 12 месеци затвор за обид за попречување на судот, но тие ќе бидат веднаш ослободени бидејќи веќе ја отслужиле казната во притвор.

Петтиот обвинет, Хајредин Кучи, беше осуден за непочитување на судот на условна казна од еден месец затвор со рок од една година, додека Исни Киљај беше ослободен.

Тачи (58) беше осуден затоа што им дал доверливи информации и шест заштитени сведоци од главниот судски процес во кој беше обвинет за воени злосторства на своите соработници, кои го посетувале во притворниот центар во Хаг во летото и есента 2023 година, и затоа што, преку тие посетители, ги упатувал сведоците како да сведочат.

На посебно судење, судот во Хаг на 16 септември неправосилно го осуди Тачи на 25 години затвор за воени злосторства во Косово и Албанија во периодот 1998-99 година.

Според денешната пресуда, донесена од судијата поединец Кристофер Госнел, казните на Тачи ќе се издржуваат последователно во две одделни постапки, како што побараа обвинителите.