„Нутела“ не е најдобра. Подобар од неа е еден многу поевтин германски крем
„Нутела“ е еден од најпознатите чоколадни намази во светот, но тоа не значи дека е најдобар.
Дека „Нутела“ сепак не е најдобриот крем покажа голем тест на германската организација за заштита на потрошувачите Stiftung Warentest, кој спореди 18 креми од лешник и какао. Популарниот намаз го освои само третото место, додека најдобрите оценки им беа дадени на помалку познати производи, од кои еден чини само 50 центи за 100 грама, или околу 30 денари, објавува српска „Нова“.
Тестирањето, чии резултати беа објавени во септември 2026 година, вклучуваше производи од познати брендови, малопродажни синџири, како и органски и вегански намази и оние со намалена содржина на шеќер. Експертите го оценуваа вкусот, составот, хранливата вредност, присуството на потенцијално штетни супстанции и точноста на податоците на декларациите. Дегустацијата беше направена на слепо, со цел да се избегне влијанието на добро познатото име на производителот врз евалуацијата.
Од 18-те тестирани производи, 12 беа оценети како „добри“, четири беа оценети како „задоволителни“, додека два беа оценети како „доволни“.
Два крема пред „Нутела“
Најдобрата вкупна оценка, 2,0 според германскиот систем за оценување, им беше дадена на два производи: „Нускати“, кој се продава во дисконтниот синџир „Алди“, и кремот на малиот производител на чоколадо „Голдхелм“ од Тирингија.
Нивните цени значително варираат. Во времето на тестирањето, „Нускати“ чинеше само 0,50 евра за 100 грама, додека намазот на „Голдхелм“ беше значително поскап. Вториот се издвојуваше по својот интензивен вкус на лешник, аромите на печење и содржината на лешник од повеќе од 50 проценти. Поевтиниот производ на „Алди“, од друга страна, доби висока оценка благодарение на вкусот и целокупниот квалитет.
Нутела заврши на третото место со оценка од 2,2. Иако нејзиниот вкус доби многу добра оценка, еднаква на онаа што ја освои „Нускати“, понискиот нутритивен состав влијаеше на конечниот резултат.
Еден од најинтересните податоци од истражувањето е поврзан со количината на шеќер. „Нутела“ содржи дури 57 проценти од него, што е највисоко меѓу сите 18 тестирани производи. Со други зборови, во 100 грама намаз има приближно 57 грама шеќер.
Уделот на лешници е 13 проценти, исто како и кај многу поевтиниот „Нускати“. Во времето на собирањето на податоците, „Нутела“ чинеше околу 0,84 евра за 100 грама на германскиот пазар.
Иако некои производи се покажаа добро кога станува збор за вкус, резултатите покажаа дека чоколадните намази генерално имаат висока содржина на шеќер и масти. Според Stiftung Warentest, класичните креми од лешници и какао содржат во просек околу половина шеќер и повеќе од една третина масти. Порција од 20 грама содржи околу 111 килокалории.
Затоа, експертите советуваат ваквите производи да се гледаат како слатки, а не како хранливо вреден избор за појадок. Ниту еден од тестираните намази не постигнал подобар резултат од „задоволителен“ во категоријата нутритивен квалитет.
Резултатите покажуваат дека попознат и поскап бренд не е нужно најдобро оценет. Сепак, добар резултат на тестот за вкус и квалитет не значи автоматски дека намазот е нутритивно поволен избор. Цените споменати во истражувањето се однесуваат на германскиот пазар.