Несреќа во близина на главната железничка станица во Прага: Се судрија два воза, повредени се 46 лица
Два приградски воза се судрија утрово околу 7 часот на железничкиот мост во близина на главната станица во Прага. Повредени се 46 лица, од кои неколку се во критична состојба.
Бројот на повредени го потврди портпаролот на Прашката служба за итни случаи, Карел Кирс, за Чешката новинска агенција (ЧТК), а го објави Радио Прага. Како што рече, повредените се однесени во неколку болници во Прага за да не биде преполна ниту една од нив. Во првите информации, полицијата зборуваше за 15 повредени, а бројот растеше додека спасувачите ги прегледуваа патниците.
Судирот се случил на мостот над улицата Зајферт, во близина на раскрсницата У Булхара во третиот округ на Прага. Според Чешките железници, се судриле возови од линиите Прага – Миловице и Млада Болеслав – Прага.
На терен биле испратени десет екипи на брза помош и четири медицински екипи, како и специјално возило за евакуација за голем број пациенти.
„Регистрираме неколку сериозно повредени лица на кои им се заканува прекин на основните животни функции“, рече Кирс. Сепак, повеќето патници се спасија со полесни повреди кои не се опасни по живот.
Возовите се движеа со помала брзина на тој дел од пругата.
Сообраќајот од главната станица до Височани и Либње беше прекинат, а возовите на долги релации беа пренасочени кон други станици во Прага, вклучувајќи го и Холешовице. Чешките железници подоцна објавија дека сообраќајот е делумно обновен, но дека патниците сè уште треба да очекуваат доцнења.