Костадиновска Стојчевска: Со новиот буџет власта ги крати парите за култура и ги гази правата на културните работници


Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, на денешната расправа за Предлог-буџетот за 2027 година, на Комисијата за буџет и финансирање, нагласи дека и во секторот култура дека наместо развој и инвестиции, власта на ВМРО продолжува со кратења, неисполнети ветувања и целосно запоставување на културниот сектор. 
 
Таа посочи дека Владата нема ниту стратегија за култура, ниту нови закони за заштита на културното наследство и Охридскиот регион, додека Инспекторатот за употреба на македонскиот јазик останува нефункционален со само пет вработени.
 
„Овој инспекторат има само пет вработувања во две ипол години, едно превземање. Има јавни несогласувања и тврдења за негрижа на македонскиот јазик. И токму заради нефункционалноста и неприменливоста на Законот за употреба на македонски јазик, оваа власт покажа дека нема намера да направи ништо за овој закон да профункционира“, рече Костадиновска Стојчевска.
 
Во однос на работниците од секторот култура, Костадиновска Стојчевска потенцираше дека наместо предвиденото зголемување на платите од околу 6% годишно, буџетот за 2027 година предвидува зголемување од само 3,2%.
 
„Буџетот за 2027 година предвидува кршење на овој колективен договор, односно зголемувањето од околу 6% на годишно ниво е намалено на 3,2%. Односно оној предлог што синдикатот го добил, како што и тие самите кажаа од Владата, е вкалкулиран без нивна согласност. За жал и овој предлог буџет за 2027 година укажува на еден тренд којшто за жал се забележува и е навистина со многу голем зафат – наместо унапредување на правата на културните работници, повеќе од две години гледаме безмилосна борба против истите тие права“, рече Костадиновска Стојчевска.
 
Пратеничката од СДСМ, посочи дека културата ја завршува 2026 година без основни услови за работа.
 
„Националните установи како Центар за култура Битола и театар не само што немаат греење туку немаат ни договор со доставувач односно и да им се префрлени пари за средства за греење не можат да набават нафта со дополнителни пари за адвокати со инспекторат за македонски јазик којшто сеуште ја нема изработено својата стратегија само со пет вработени и со непознат број на извршени инспекциски надзори“, рече Костадиновска Стојчевска.
 
Посебно алармантна, како што кажа Костадиновска Стојчевска е состојбата со капиталните проекти и заштитата на културното наследство. Адаптацијата на старото училиште во Љубојно, кое треба да прерасне во современ центар за негување на македонскиот јазик, со години стои во место, иако проектот требаше да биде завршен до крајот на 2026 година.
 
„Во април оваа година бившиот министер објави дека до крајот на оваа година објектот ќе е завршен и дека пари има. И ако денес одите до Љубојно ќе го видите објектот е далеку од завршување затоа што исплатите за истиот односно по завршени обврски одамна застанале“, рече Костадиновска Стојчевска.
 
Таа предупреди и на драстичното намалување на капиталните дотации до единиците на локалната самоуправа, како и на фактот дека две години нема јавни повици, резултати и транспарентна распределба на средствата.
 
„И доколку се погледне предлог буџетот гледаме намалување од минус 76,4% од минатата година, две години не го гледаме објавувањето на повикот за капитални дотации до единици на локална самоуправа. Нешто што е обврска на Министерство за култура и не се знае како тие пари коишто ние ги гледаме во два последователни буџети се воопшто распределени. Не гледаме јавен повик, не гледаме резултати, не гледаме средства. Две години тоа значи дека се работи спротивно на Законот за култура, а одговорност нема“, рече Костадиновска Стојчевска.
 
Дополнително, голем број најавени капитални проекти во културата остануваат нереализирани, а дел од нивните буџети се намалуваат од година во година. Меѓу нив се реконструкцијата на центрите за култура во Битола, Штип и Куманово, театрите во Прилеп и Охрид, Универзалната сала, Плаошник и реконструкцијата на Музејот на Македонија.
 
Таа посочи дека постојат и готови проектни решенија за реконструкција на Центарот за култура и театарот во Битола, како и за театарот во Прилеп, но тие не се реализираат.
 
Костадиновска Стојчевска посочи дека со новиот буџет се намалуваат и парите во областа на заштитата на културното наследство. Управата за заштита на културното наследство добива 6,8% помалку средства, додека за Скопското Кале намалувањето изнесува 88,6%.
 
„Ако веќе се земе резултатот од вториот ребаланс каде што и онака се намалија средствата, сега имаме уште помали средства што всушност ја става Управата за заштита на културно наследство во неможност да ги обавува и основните функции. Скопско Кале минус 88,6% намалување на буџетот во однос на минатата година“, рече Костадиновска Стојчевска.