Блокирањето на европскиот пат е како државен удар: Филипче за европските интеграции
Дебата во Собранието за извештаите на Европската комисија
Претседателот на СДСМ и претседател на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, го спореди ќор-сокакот на европскиот пат со државен удар од страна на власта.
Тој на денешната дебата во Собранието на тема „Извештаите на Европската комисија за владеење на правото во Република Северна Македонија – наоди и парламентарен надзор“ тој рече дека владата свесно го запира европскиот пат и земјата тоне во изолација, сиромаштија, корупција и невладеење на правото.
„Имам впечаток дека актуелната власт или не е свесна за последиците од политиките во однос на пристапувањето во Европска унија кои што сега се случуваат, а уште помалку свесна за последиците кои допрва доаѓаат во следниот период, или сето ова е еден свесен процес којшто е на ниво на државен удар да се запре европскиот пат на земјата“, рече Филипче.
Тој нагласи дека во изминатите две и пол години, власта нема направено ништо суштинско за приближување на земјата кон Европската унија. Извештаите на Европската комисија јасно покажуваат сериозен застој.
„Не постои ниту една сфера во којашто изминатите две и пол години е направено нешто значајно суштински во насока на пристапување кон Европската унија. Кога ќе ја видите табелата, ќе видите дека е најмногу црвена. Има некои жолти, многу мали зелени полиња и сакам да им упатам порака на претставниците на власта дека тоа не е државата во којашто ние сакаме да живееме. Не сакаме изолација, сиромаштија, корупција, невладеење на правото, тоа што сето го детектирала и Европската унија кај нас. А сите полиња за коишто власта апсолутно ништо не прави изминатиот период“, рече Филипче.
Филипче предупреди дека блокадата на европскиот пат директно ќе се одрази врз економијата, бидејќи државата останува без пристап до европските фондови, додека власта се задолжува за да ги покрива тековните трошоци.
„Слаба реализација на капиталните проекти, огромни долгови, камати кои што ги плаќаме и за странско и за домашно задолжување. А од тоа граѓаните не гледаат ништо, само тонат во сиромаштија. Немаме човечки капацитет ниту соодветен квалитет на образованието за да се продуцираат луѓе коишто можат да се справат со овие проблеми“, рече Филипче.
Претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонио Милошоски, рече дека извештаите на Европската комисија треба да се разгледуваат не само од политички, туку и од стручен аспект, за да се извлечат конкретни заклучоци и препораки за подобрување на состојбите.
„Темата е јасна и важна. Целта денес не е само повторно да ги слушнеме наодите, туку да видиме што се повторува во овие извештаи секоја година, да ги согледаме причините зошто нешто се повторува и да видиме со кои дејствија би можеле да ги подобриме состојбите и да дадеме препораки до извршната власт“, истакна Милошоски.
Според него, ваквите настани овозможуваат поголема отвореност на Собранието и вклучување на експертската јавност во процесот на анализа на клучните прашања поврзани со евроинтеграциите и владеењето на правото.