Опозициските прашања ќе бидат повторени, Собранието ги донесе измените на Законот за јавни набавки


Фото: Б. Грданоски

Собранието ќе ги повтори опозициските прашања во рамки на 130. пленарна седница, се согласиле координаторите на пратеничките групи, соопшти попладнево претседателот на Собранието Африм Гаши без да прецизира кога ќе се одржи седницата. Потоа пратениците се префрлија на 129. пленара седница и со 63 гласа „за“ и 20 „против“ го донесоа Законот за изменување и дополнување на Законот за јавни набавки, чиј што указ не беше потпишан од претседателката на државата Сиљаноска-Давкова, со укажување. Владејачкото мнозинство поднесе амандман со кој беше избришан членот од укажувањето на Сиљаноска-Давкова. 

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски рече дека постојат низа проблеми кои беа посочени. Спасовски рече дека Законот за јавни набавки не беше потпишан од претседателката за еден член што за неа беше важен, а за него поважни биле другите членови со коишто се менува сумата за јавни набавки во четири очи, која се зголемува на 20.000 на ниво на година, и се укинува согласноста од Бирото за јавни набавки за набавки по скратена постапка. Исто така, се укинува транспатеноста, односно ако некој сака да ги види јавните набавки треба да плати за тоа.

– Вие како Влада сериозно да размислите, од една страна, да промовирате транспаретност, а од друга страна, да го укинуватe ова. Од една страна, да се бориме против криминал и корупција, а од друга страна, да создаваме можности за криминал и корупција со тоа што ќе се водат постапки во четири очи, но факт е дека ова е ваш избор – рече Спасовски. 

Независниот пратеник Миле Цеков укажа на Извештајот на ЕК зa јавни набавки, кој констатира дека не е постигнат напредок минатата година. Според него, зголемените трошоци за жалбена постапка од 200 на 600 евра, како што се предвидува со измените на Законот за јавни набавки, ја отежнува жалбената постапка за помалите претпријатија. ЕК, од една страна, бара поголема контрола и транспаретност, а ние ја поскапуваме можноста некој да се пожали – рече, меѓу другото, Цеков. Тој исто така го критикуваше и воведувањето надоместок за користење јавни податоци во форма погодна за обработка. 

Дали овие измени се прават за поголема конкуретност или помала контрола врз трошењето на народните пари – праша пратеникот. 

И Илире Даути од Алијансата на Албанците сподели исти ставови во однос на Законот за јавни набаки како Спасовски и Цеков.  

Во рамки на 129. седница беше ратификуван Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија за воспоставување заеднички гранични премини меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија и за спроведување заеднички активности за гранична контрола, а беа донесени и Законот за изменување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2026 година и измените и дополнувањата на Kривичниот законик.