Косово ја забрани трговијата со електрична енергија со компании од Србија


Владата на Косово донесе одлука за забрана на трговијата со електрична енергија со српски компании, објави косовскиот премиер Албин Курти на седницата на Владата.

Според Курти, мерката опфаќа купување, продажба, увоз и извоз на електрична енергија, директно или преку транзит и препродажба низ една или повеќе земји. Забраната важи за сите компании регистрирани во Србија, како и за оние чии сопственици се српски државјани.

Курти нагласи дека ова е првата контрамерка против Србија поради, како што тврди, повеќегодишната блокада на прекуграничните енергетски линии за трговија. Тој предупреди дека мерките би можеле да бидат заострени во иднина доколку нема реакција од официјален Белград.

Тој потсети дека во декември ќе се навршат шест години откако Косово доби енергетска независност, тврдејќи дека Србија оттогаш ја блокира комерцијалната дистрибуција и трговијата на далноводи.

Премиерот на Косово, зборувајќи за последиците од блокадата на водовите од Србија, рече: „Блокадата на водовите од Србија не нè спречува да купуваме енергија од Србија, бидејќи сакаме да ја купиме, но го спречува користењето на оваа критична инфраструктура за испорака на транзитна енергија низ Србија.“

Курти објасни дека во оваа фаза, само снабдувачот со електрична енергија избран врз основа на Бриселскиот енергетски договор е ослободен од забраната.