Скандал ја тресе Бугарија: Бугарската тајна служба ја уценувала Михаилова, откри јутјубер


Софија – Скандал ја тресе Бугарија откако јутјуберот Станислав Цанов вчера објави снимено признание на Михаилова дека бугарска Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) ѝ вршела притисок за кои медиуми да дава изјави, наложувајќи и ја да се појави исклучиво кај Матин Карбовски, новинарот кој тврдеше дека македонската историја може да ја спакува во плико и да ни ја прати, алудирајќи на тоа дека сме измислени во 1944 година. 

Бегалката од македонската правда Михаилова два дена ја бранува бугарската јавност откако јутјуберот Цанов вчера објави дека ДАНС ѝ вршела притисок и ја уценувала со државната помош и лекувањето наложувајќи и за кои медиуми да дава изјави, Михаилова денеска на „Фејсбук“ тврди дека не сака да биде дел од какви било политички спорови и оти само сака да се лекува во Бугарија.

ДАНС преку соопштение тврди дека „не вршеле никаков притисок врз бугарската државјанка“.

– Изјавуваме дека ниту еден службеник од Агенцијата не извршил каков било вид влијание или притисок врз предметното лице, од која било причина, се истакнува во соопштението на ДАНС.

Таа првично тврди дека ДАНС и вршела притисок да даде интервју за Мартин Карбовски и да се воздржи од појавување во други медиуми, а во спротивно би и била укината државната помош за рехабилитација.

Јутјуберот Станислав Цанов вчера во својата емисија пушти неколку аудиоснимки, најверојатно тајно снимени телефонски разговори, што ги водел со Михаилова во различни периоди. Од овие снимки произлегува дека Михаилова договорила гостување во емисијата на Цанов, но дека службеници од ДАНС ѝ наложиле прво да се појави во емисијата на Карбовски, а дури потоа „во другите“.

На една од пуштените аудио-снимки Михаилова изјавува: И ми велат – прво ќе одиш во емисијата на Карбовски, бидејќи ние имаме целосна контрола врз него, ние ќе му кажеме точно какви прашања да ти постави. Таа додава дека во спротивно, ќе ѝ бидат ускратени рехабилитацијата, правната помош и другите видови поддршка што ги обезбедува државата.

Во видеото на Цанов се појавуваат и копретседателите на десноцентристичката либерална политичка партија „Да, Бугарија“, Ивајло Мирчев и Божидар Божанов, кои најавија дека ќе побараа истрага за случајот.

– Немаме друга опција освен да го изнесеме случајот што ги вклучува ДАНС и Ива Михаилова пред институциите во Брисел, бидејќи оние што се на власт најверојатно ќе ги блокираат сите обиди за парламентарни сослушувања, исто како што правеа досега – наведе Мирчев во емисијата „Недела 150“ на Бугарско национално радио.

Михаилова денеска претпладне на „Фејсбук“ги демантираше објавите на Цанов.

– Ви благодарам на сите што ми пишавте и изразивте загриженост. Сакам да нагласам дека никој во Бугарија не ме присилил на ништо. Овде добив помош, грижа и поддршка. Ја чувствувам поддршката од целиот бугарски народ, и тоа ми дава сила секој ден. Не сакам да бидам дел од какви било политички спорови и нема повеќе да коментирам за ова прашање. Мој главен приоритет во моментов е целосно да оздравам. Се лекувам и правам сè што е во моја моќ за повторно да можам нормално да одам. Ве молам, дозволете ми на мир да се фокусирам на моето закрепнување – напиша Михаилова на „Фејсбук“.

Михаилова заедно со нејзиниот бугарски адвокат на нелегален начин ја напушти државава на почетокот на октомври е во Бугарија. Таа има двојно државјанство, македонско и бугарско и бугарските власти најавија дека нема да ја спроведат во Македонија иако против неа е издадена потерница. Михаилова лани направи сообраќајна несреќа со смртни последици на експресниот пат Кочани – Штип за што и се суди во кочанскиот суд.