„Нема ништо понасилно од тишината“: Интервју со Косара Митиќ за филмот „17“, македонски кандидат за Оскар
„17“ на Косара Митиќ, инспириран од вистински настан, кој ја следи Сара, седумнаесетгодишна девојка која за време на матурската екскурзија се обидува да ја скрие својата бременост, е меѓу оние филмови што продолжуваат да живеат во вас долго откако ќе се запалат светлата во киното. Приказна што не бара лесно сочувство, туку храброст да се погледне во очи на реалноста, да се постават непријатни прашања и да се слушне она што премногу често останува премолчено.

По светската премиера на престижното Берлинале, номинација за Европските филмски награди, во категоријата Европско откритие – Награда ФИПРЕСЦИ, 11 меѓународни признанија и македонска премиера, „17“ добива уште едно значајнио признание – избран е за македонски кандидат за Оскар. Зад оваа филмска приказна и нејзиниот меѓународен пат стои млада режисерка која не се плаши да отвори чувствителни теми и да ја предизвика публиката да размислува.
Со Косара Митиќ за „Независен“ разговараме за нејзиниот дебитантски филм што од Македонија тргна кон светот, за одговорноста да се раскажуваат приказни што болат, за младоста, молкот… Но и за неа самата – за сомнежите, храброста, авторскиот пат и чувството кога една лична уметничка визија станува дел од приказната на една цела земја.

„17“ е наслов што изгледа едноставно, речиси како обична бројка, а всушност носи цел еден свет. Што за вас значи?
„17“ за мене е симбол на еден од најсуптилните премини кои ги имаме во животот – преминот од тинејџерството кон зрелоста. Тоа е возраста кога почнуваш да се кршиш и да сфаќаш дека животот не е онака како што изгледа. Во тој период се носат одлуки кои ти го дефинираат животот засекогаш, а потоа ја чувствуваш тежината на сопствените избори, одлуки и одговорности. Сè уште имаш право на грешки, но веќе стануваш свесен дека секоја од нив остава некаква последица. Тоа е период кога се сонува без граници, но за првпат почнуваш да се прашуваш колку чинат соништата и што се си подготвен да направиш за нив.
Во филмот отворате теми за кои општеството често зборува тивко, површно или дури кога веќе е предоцна. Дали како авторка имвте момент кога се запрашавте дали публиката е подготвена да се соочи со оваа приказна?
Мислам дека не постои публика која е подготвена да се соочи со самата себеси и токму во тоа е предизвикот. Искрено, мислам дека главното прашање е дали ние како општество сме подготвени конечно да престанеме да ги премолчуваме темите што нè засегаат сите и да го вртиме погледот настрана од нештата со кои ни е болно да се соочиме, а секојдневно ни се пред очи. „17“ не ѝ нуди на публиката комфор, туку напротив болна реална вистина од која тешко се бега. Уметноста не треба и не смее да не штити од вистината. Напротив, треба да биде гласна и дрска, да не натера да гледаме. Не го создавав филмот за да обвинувам, да држам лекции или да давам готови одговори, туку да отворам простор за препознавање и емпатија. Можеби не секој гледач ќе биде подготвен за сè што филмот го отвора, но верувам дека секој заслужува можност да се соочи со тие прашања.
Во приказната насилството не е изолирана случка, туку дел од една поширока атмосфера во која младите растат. Што ве вознемирува повеќе – самиот чин на насилство или нормализацијата на однесувањето пред и потоа?
Ме вознемируваат и двете, но мислам дека нема пострашно од нормализацијата на насилството. Самиот чин на насилство остава последици и во моментот предизвикува реакција. Но она што му претходи и она што следи потоа е многу посложено и, на некој начин, поопасно. Ме плаши колку лесно насилството е колективно, колку брзо околината се навикнува на него, колку често сведоците немо молчат и се повлекуваат, а жртвата на крајот станува таа што треба да се објаснува, да се оправдува или да се срами. Насилството не започнува во моментот на ударот. Често започнува многу порано – со безопасни навреди, понижувања, исмејување, со отсуството на реакција од оние што гледаат. А кога сите ќе се вратат на своето секојдневие, како ништо да не се случило. Токму таа тишина ме вознемирува. Нема ништо понасилно од тишината. Зашто кога едно општество ќе почне да го третира насилството како нешто очекувано, тогаш проблемот веќе не е само во поединецот што го врши, туку и во средината што му дозволува да опстојува.
Кога режирате филм за толку чувствителна тема, каде е границата меѓу уметничката слобода и одговорноста кон луѓето чии искуства ги допирате? Како избегнавте болката да стане само драматуршки ефект?
Уметничката слобода не ја исклучува одговорноста, особено кога раскажувате приказна што допира до реални човечки искуства, болки и рани. Колку е почувствителна темата, толку поголема е одговорноста на авторот. Границата е во намерата – дали болката ја користите за да предизвика тежок и спектакл и да добиете реакција или ѝ давате простор да биде разбрана, препознаена и почувствувана. Ликовите во „17“ имаат свои стравови, противречности, желби, достоинство и внатрешен живот. Не сакав да ги сведам на нивната траума, затоа што човекот е многу повеќе од она што му се случило. Верувам дека не мора секогаш да ја покажете болката во нејзината најексплицитна форма за да ја направите силна. Понекогаш погледот, премолчената реченица, отсутноста на реакција или тишината по еден настан можат да кажат многу повеќе од најдраматичната сцена. За мене, најважно беше болката да не стане спектакл за гледање, туку искуство што ќе нè натера да размислиме. Не сакав публиката само да биде потресена, туку да излезе од салата со чувство дека видела нешто што не смее да го заборави.

Седумнаесетгодишниците денес живеат во свет во кој сѐ е јавно, а најважните чувства често остануваат скриени. Дали мислите дека денешните млади имаат помалку причини да бидат ранливи отколку генерациите пред нив?
Не мислам дека денешните млади имаат помалку причини да бидат ранливи. Напротив,мислам дека имаат поинакви и посложени притисоци. Денес, седумнаесетгодишниците растат во свет во кој речиси секој момент може да биде снимен, споделен, коментиран и засекогаш зачуван. Како постојано да живеат пред публика. Од нив се очекува да бидат самоуверени, успешни, убави, прифатени, да имаат став за сè и одговор на секое прашање.А ретко кој ги прашува дали се добро, дали се исплашени, дали се осамени, дали имаат со кого да разговараат за она што ги боли. Генерации од кои се бара зрелост, а не се нуди сигурност. Денес младите имаат сè помалку простор да ја покажат ранливоста без страв дека ќе бидат осудени или исмеани. А токму ранливоста е дел од созревањето – не е слабост, туку храброст да признаеш дека не знаеш, дека се плашиш, дека ти е потребна помош.
Во филмот има две млади девојки (за 17 годишната Сара, која се обидува да ја сокрие својата бременост по хаотична матурска екскурзија, а потоа се спријателува со уште една жртва на сексуално насилство) чие пријателство добива особена тежина низ драматичните околности. Дали за вас „17“ е подеднакво филм за насилството и за солидарноста меѓу девојките?
Апсолутно. Односот меѓу Сара и Лина ми беше особено важен затоа што нивното пријателство не се раѓа од идеални околности,туку од препознавање. Тие се среќаваат во сопствената ранливост, во она што тешко се изговара, во чувството дека светот можеби нема да ги разбере. Но токму таму се случува нешто многу важно – едната во другата почнува да гледа не само некој што поминал низ слична болка, туку конечно некој на кој може да му верува. Мислам дека често ја потценуваме моќта на женската солидарност. Живееме во општество кое неретко ги учи девојките да се споредуваат, да се натпреваруваат, да се осудуваат една со друга, наместо да се поддржуваат. А понекогаш токму една девојка може да биде единствената личност пред која друга девојка нема потреба да се брани, да се оправдува или да се срами. Затоа, да, „17“ е подеднакво филм за насилството и за солидарноста, но и за нешто што ми е можеби уште поважно – за можноста да не дозволиме туѓата болка да нè направи рамнодушни. Зашто понекогаш спасувањето не започнува со голем гест, туку со едно едноставно: „Те разбирам.“

Берлинале беше првата голема средба на филмот со светската публика. Дали по таа проекција имавте реакција или коментар што ве натера поинаку да размислувате за сопствениот филм?
Берлинале беше искуство што тешко може да се пренесе со зборови. По проекцијата имаше тишина. Не онаа обична тишина што следува кога филмот завршува, туку тишина во која чувствувате дека нешто се случило со луѓето во салата. Се исплашив за момент. А потоа следуваше вистинска лавина од емоции, реакции, прашања, солзи и лични споделувања. Особено силен момент ми беше кога сфатив дека за некои гледачи филмот не завршил со последниот кадар. Тој продолжил во нивните лични сеќавања, во разговорите што ги отворил, во прашањата што можеби долго време не се осмелувале да ги постават. Мислам дека токму таа тишина, проследена со лавината од емоции,ми беше најголемата потврда дека филмот допрел до нешто вистинско. И можеби најважното сознание од Берлинале беше дека не мора да ја споделуваме истата реалност за да ја почувствуваме истата болка, но и истата надеж.

Филмот потоа патуваше низ различни земји и култури. Дали забележавте разлика во начинот на кој публиката од различни средини ги доживува темите на „17“? Или постојат болки и стравови што не познаваат граници?
Филмот патуваше од Берлин преку Хонгконг, до Уругвај, Бразил, Тајван, Индонезија, Босна, Луксембург, Ванкувер… и сфатив од сите реакции и коментари дека дефинитивно постојат одредени разлики во начинот на кој публиката ги чита и ги толкува темите, затоа што секоја култура има свои табуа, свои механизми на премолчување и различен однос кон насилството, сексуалноста, семејството и положбата на младите. Она што во една средина се препознава веднаш, во друга можеда отвори дополнителни прашања или да предизвика поинаква реакција. Но она што ме изненади и длабоко ме допре е колку се слични емоционалните реакции. Без оглед на тоа дали филмот се прикажува во Европа или на друг континент, во различен јазичен и културен контекст, стравот од отфрлање, срамот, осаменоста, потребата некој да ти поверува и желбата да бидеш прифатен се препознатливи насекаде. Мислам дека младите, без оглед каде растат, имаат многу повеќе заеднички искуства отколку што понекогаш сакаме да признаеме. Можеби различно ги именуваат своите проблеми, можеби живеат во различни општествени околности, но чувството на беспомошност пред неправдата или потребата некој да застане покрај тебе се универзални „17“ ми потврди дека јазикот на емоциите нема потреба од превод. Филмот може да тргне од една конкретна приказна, од една средина и од една девојка, но ако успее да допре до човечкото во нас, тогаш престанува да биде само приказна за едно место. Станува приказна за сите оние кои некогаш се почувствувале сами, неразбрани или немоќни да го кажат она што им се случува.
Македонската премиера е поинаква од светската. Во Берлин филмот го гледаа луѓе кои не ја познаваат нашата средина, а дома го гледаат луѓе кои можеби ги препознаваат улиците, односите, менталитететот и општетствените механизми зад приказната. Од која публика повеќе се плашевте – од странската или домашната?
Искрено, многу повеќе ме вознемируваше помислата на домашната публика, затоа што дома филмот ја губи дистанцата на уметничко дело и станува многу поличен. Во Берлин публиката ја гледаше приказната како нешто што доаѓа од друга средина, можеби далечна и поинаква. Но овде гледачите ги препознаваат улиците, атмосферата, односите, речениците што сите сме ги слушнале, молчењата што сме ги доживеале. Пред домашната публика постои и еден поинаков страв – стравот од препознавање, од тоа некој да се почувствува прозван, да се препознае во одредено однесување или да ја препознае сопствената рамнодушност. Затоа што кога зборувате за проблем што постои во вашето општество, веќе не можете да се скриете зад дистанцата на фикцијата. Но истовремено, токму затоа оваа премиера ми беше особено важна. Не сакам филмот да биде доживеан како приказна што се случува некаде далеку, на некои други деца, во некое друго општество. Повеќе од тоа како ќе биде прифатен, ме интересира дали ќе нè натера да се погледнеме себеси. Зашто најтешко е да се соочиме со вистините што ни се најблиску. А ако „17“ успее да отвори искрен разговор дома, тогаш за мене неговото патување има посебна смисла.
Што научивте за себе додека го снимавте филмот? Дали постои нешто во вас што неповратно се промени по средбата со приказната на „17“?
Мислам дека филмот многу ме промени во односот кон тишината. Почнав да ја доживувам како простор во кој се кријат најважните, најтешките и најнеизговорените вистини.Почнав уште повеќе да внимавам на она што луѓето не го кажуваат, на погледите, на повлекувањето, на малите промени во однесувањето. Но, можеби најголемата промена е што по„ 17“ уште посилно верувам во одговорноста што треба да ја имаме едни кон други. Не можеме секогаш да спречиме нечија болка, не можеме секогаш да поправиме нешто што веќе се случило, но можеме да одлучиме да не бидеме рамнодушни. Ако нешто неповратно се промени во мене,тогаш тоа е свеста дека понекогаш најголемото насилство не е само она што некој му го прави на друг човек, туку и она што ние му го дозволуваме со нашето молчење. И дека никогаш не треба да ја потценуваме моќта на тоа да му веруваме на некого, да го слушнеме и да му дадеме до знаење дека не е сам.