Петрова немала информации дека ДАНС ѝ вршел притисок на Михаилова
Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова нема информации за наводните притисоци на бугарската тајна служба ДАНС врз Ива Михајлова од Кочани.
По објавувањето на снимките во кои Михајлова тврди дека била уценувана од службите, Петрова вели дека случајот не е во надлежност на Министерството за надворешни работи и дека за неа останува нејасно од каде потекнуваат информациите за притисоци, особено откако самата Михајлова јавно ги демантираше.
„Колку што видов од изјавата на Ива Михајлова, таа самата тврди дека не била изложена на притисок, така што за мене е малку загадочно од каде се појави таквата информација“, изјави Велислава Петрова, министерка за надворешни работи на Бугарија.
Скандалот во Бугарија избувна откако јутјуберот Станислав Цанов објави снимки од разговори со Михајлова, во кои таа тврди дека службеници на ДАНС ѝ се заканувале со прекинување на помошта за лекување и адвокатската заштита доколку не гостува во конкретна емисија. Бугарската опозиција побара истрага и оставка од директорот на ДАНС, додека службата категорично ги отфрли обвинувањата и ја оспори веродостојноста на снимките.
Михајлова во меѓувреме објави дека никој во Бугарија не ја принудувал на ништо и побара да биде оставена мирно да го продолжи лекувањето. Петрова денеска изрази и сомнеж околу најавите случајот да биде пријавен пред европските институции, посочувајќи дека не е јасно што точно би им било презентирано.