Мицкоски во Брисел на средба со Копман, во фокус европската перспектива на Македонија


Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, во Брисел, оствари средба со Герт Јан Копман, генерален директор на Генералниот директорат за проширување и источно соседство при Европската комисија.

Во фокусот на разговорите, како што напиша Мицкоски во објава на „Фејсбук“, биле европската перспектива на Македонија, напредокот во реформските процеси и следните чекори во пристапувањето кон Европската Унија.

– Нашата определба за членство во Европската Унија е јасна и недвосмислена. Македонија заслужува европска иднина, заснована на принципиелни односи, почитување и заштита на националните интереси, како и доследно спроведување на реформите во интерес на граѓаните – напиша Мицкоски.

Премиерот посочи дека Владата продолжува со активностите за исполнување на реформската агенда и спроведување на политиките насочени кон европска интеграција.

– Продолжуваме со посветена работа, исполнување на реформската агенда, одговорна политика и јасна визија за европска, стабилна и просперитетна Македонија – истакна премиерот Мицкоски.