Арсен Венгер се откажа од претседателската трка на ФИФА
Поранешниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер, се откажа од својата кандидатура за претседател на Меѓународниот одбор на фудбалски асоцијации (ФИФА), објави денес Би-Би-Си.
Венгер (77), кој моментално е директор за глобален развој на фудбалот во ФИФА, размислувал да се кандидира за претседател на организацијата, но извори од британскиот јавен сервис потврдија дека се откажал.
Според медиумските извештаи, Французинот ја имал и поддршката од Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), која е спротивна на сегашниот претседател на ФИФА, Џани Инфантино, кој претходно потврди дека повторно ќе се кандидира за таа позиција.
Британските медиуми известуваат дека УЕФА не се откажува од својата намера да најде алтернативен кандидат за Инфантино, а рокот за поднесување на кандидатурите истекува во среда, 18 ноември.
Поранешниот играч на Тотенхем, Рамон Вега, претходно ја објави својата кандидатура за претседател на ФИФА, како и почесниот претседател на Јапонската фудбалска асоцијација, Козо Ташима, кој сè уште не ги обезбедил потребните пет номинации од националните фудбалски асоцијации.
Би-Би-Си известува дека Инфантино сè уште ја има поддршката од фудбалските асоцијации од Јужна Америка, Африка и Азија.
Актуелниот претседател на ФИФА неодамна изјави дека ужива поддршка од „огромно мнозинство“ во светскиот фудбал.