Марш на ангелите: „До кога ќе ги броиме жртвите, а ќе ги чекаме одговорните?“
„До кога ќе ги броиме жртвите, а ќе ги чекаме одговорните?“ – праша Валентина Христовска, мајка на починатиот Павел, обраќајќи им се на присутните на денешниот марш пред полицијата.
Таа порача дека семејствата повторно маршираат со истата болка и барање за вистина, одговорност и правда, но дека нивната борба не се однесува само на 63-те загинати во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, туку и на сите невини жртви од трагедиите што ја потресоа Македонија.
Христовска ги спомена несреќата кај Ласкарци, пожарот во модуларната болница во Тетово, трагедијата со автобусот на „Беса Транс“ и пожарот во „Пулс“, посочувајќи дека во овие настани животот го загубиле вкупно 138 лица, а повеќе од 200 биле повредени во Кочани.
Во своето обраќање таа потсети и на жените и девојките чии животи биле насилно прекинати, меѓу кои Танкица од Кочани, Росица од Велес, Емилија од Штип, Рамајана од Шуто Оризари, Ивана од Скопје и 17-годишната Биљана од Горданци. Апелираше институциите да реагираат навреме на пријавите за насилство и да ги заштитат жените пред да биде предоцна.
Осврнувајќи се на трагедијата во „Пулс“, Христовска потсети на јавните тврдења за долгогодишни институционални пропусти и ветувањата дека сите вмешани ќе одговараат. Таа праша дали се испитани пропустите, дали се спроведени внатрешни контроли и дисциплински постапки и каде се резултатите од најавената одговорност.
„На нас, семејствата, не ни се потребни нови ветувања. Потребни ни се одговори, конкретни постапки и видливи резултати“, порача таа, нагласувајќи дека човечкиот живот не е статистика, а болката на семејствата не смее да биде тема само за една прес-конференција.
Во емотивниот дел од говорот, Христовска зборуваше за загубата на своето дете и за болката со која живеат родителите по трагедијата.
„Нашите деца нема да се вратат. Нема да се вратат ниту жените чии животи беа одземени, ниту другите невини жртви. Но нивната загуба мора да биде опомена за секој што носи одлуки, потпишува дозволи, врши контроли или прима пријава за насилство“, рече таа.
На крајот порача дека семејствата не сакаат нови споменици и нови погреби, туку институции што ќе ги штитат животите.
„Не ни докажувајте со зборови дека човечкиот живот ви е приоритет. Докажете го со дела додека луѓето се сè уште живи. Бараме правда за Кочани, бараме правда за сите невини жртви. Бараме одговорност, а не ветувања“, порача Христовска.
Драги Стојанов, татко на момче кое го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска упати емотивен повик до родителите на повредените деца да се приклучат на маршевите за правда, изразувајќи разочарување што досега не биле дел од нив, објави „Радио Кочани“.
Во обраќањето пред Основниот суд, Стојанов им се заблагодари на родителите кои излегле да дадат поддршка, но нагласи дека борбата за правда треба да биде заедничка.
„Ние веќе не можеме да ги видиме нашите деца. Вие треба да чекорите за вашите деца, да се борите за правда и за тие да живеат во мир и благосостојба, а не да се будат ноќе и да не можат да спијат“, порача тој.
Стојанов побара одговорност од надлежните институции, предупредувајќи дека евентуалното неказнување на одговорните за трагедијата во која загинаа 63 лица би испратило опасна порака до општеството.
Тој јавно го повика и градоначалникот на Кочани да застане покрај родителите, а критики упати и до општинските советници, полициските началници и инспекторите.
Потенцираше дека маршевите се мирни и дека семејствата не протестираат против Владата или поединечни политичари, туку бараат правда за своите деца.
„Ние чекоревме, чекориме и ќе чекориме сè додека сме живи, сè додека правдата не излезе на виделина“, порача Стојанов.
Неговото обраќање е уште едно сведоштво за болката на семејствата кои бараат одговори и судска разрешница за трагедијата во Кочани.