Населбата Каменик во Кисела Вода ќе добие редовно снабдување со квалитетна вода


Увид во градежните активности на проектот „Подобрување на системот за водоснабдување во руралната населба Каменик, Општина Кисела Вода“, напавија денеска градоначалничката Бети Стаменковска и премиерот Христијан Мицкоски.

Со овој проект, за кој општината одвоила нешто повеќе од 27,5 милиони денари, жителите на овој дел од општината ќе добијат редовна и чиста вода за пиење.

„Станува збор за навистина потребен проект, затоа што овие граѓани во минатото имале недостатоци од квалитетно снабдување со вода, во летните месеци дури и недостаток од вода, но со овој подвиг како општина ќе го решиме овој проблем на граѓаните од овој дел на Општина Кисела Вода“, рече Стаменковска.

Каменик

Во рамките на овој проект пак, Министерството за животна средина и просторно планирање, гради и препумпна станица, а општината прави водоводна мрежа од 4,2 километри.

„Како што вчера најавив, полека, проект по проект ќе ги завршуваме, но и проект по проект оние коишто не се почнати ќе ги отпочнуваме. Како што кажа и градоначалничката, станува збор за проект каде што имаме јасна соработка помеѓу Владата и општината. Целокупниот проект е многу значаен за овој дел на Општина Кисела Вода, затоа што тоа што недостасуваше досега, тоа е водата за пиење. Ќе биде конечно затворен тој проблем. Откако ќе биде завршена оваа подземна инсталација, следен чекор е да го поминеме и патот со нов асфалт“, најави Мицкоски

„Така што плански се работи, систематски се работи, потребите се јасни, а ние како Влада, нашата задача и цел е да овие потреби одговориме согласно нашите можности и се надевам дека тоа досега го правиме“, додаде Мицкоски.