Економистите предупредуваат на сериозна буџетска криза во Германија од 2028 година
Германија би можела да се соочи со сериозна буџетска криза во наредните години доколку Владата не ги ограничи расходите и не утврди јасни приоритети во трошењето на јавните средства, предупредуваат водечки германски економисти.
Претседателот на минхенскиот институт „Ифо“, Клеменс Фуест, оценува дека сегашната буџетска политика не е одржлива на долг рок и дека владината коалиција мора да одлучи кои области ќе имаат предност при распределбата на средствата во буџетот за 2028 година.
Како главни приоритети ги посочува одбраната и инфраструктурата, додека за другите расходи предлага замрзнување или намалување. Доколку Владата не се одлучи на такви мерки, според него, неизбежно ќе биде зголемување на даноците.
Предупредувањата доаѓаат во време кога Германија планира рекордни буџетски расходи. Буџетскиот одбор на Бундестагот, по речиси 16 часа преговори го одобри предлог-буџетот за 2027 година, во кој расходите во основниот буџет достигнуваат 561 милијарда евра.
Нето-задолжувањето само во основниот буџет е предвидено да изнесува речиси 123 милијарди евра, а дополнителни милијарди евра ќе бидат обезбедени преку специјални фондови. Вкупниот износ на новото задолжување се проценува на околу 210 милијарди евра.
Слична загриженост изразува и претседателот на Лајбницовиот центар за европски економски истражувања (ЗЕВ), Ахим Вамбах. Според него, финансиската состојба на Германија од 2028 година би можела да биде посериозна отколку што сугерираат очекувањата за економско закрепнување.
Тој посочува дека каматната стапка е повисока од стапката на економски раст, што значи дека Германија не може да се потпре на растот на економијата за постепено да го намалува јавниот долг.
Вамбах смета дека реформата на системот за социјална заштита мора да биде главен приоритет, како и итното преиспитување на јавните расходи. Тој предлага намалување на субвенциите што не придонесуваат за економскиот раст, јави ДПА.