Пораз од 2:1: Македонските фудбалери и по гостувањето во Шкотска без бодови во Лигата на нации
Македонската фудбалска репрезентација го претрпе петтиот пораз во групата 1 од Б дивизијата во Лигата на нации, а шести во низа, откако вечерва во рамноправен натпревар загуби од Шкотска во Глазгов со 2-1 (0-0).
Македонските фудбалери на гостувањето на „Хемпден парк“ ја прекинаа серијата од осум натпревари без постигнат гол, кога Растодер во 58. минута го анулираше водството на Шкотска што го донесе Мекгин во 54. минута, но истиот фудбалер во 74. минута од пенал ја продолжи серијата порази на избраниците на селекторот Гоце Седлоски.
Првата можност да го отвори резултатот ја имаше Македонија во 13. минута кога обидот на Дориев по левата страна од работ на шеснаесетникот заврши надвор од рамките на шкотскиот гол.
Домашната репрезентација одговори со изгледна шанса само три минути подоцна, но Димитриевски со прекрасна интервенција го скроти ударот од свртување на Мектоминеј.
Димитриевски повторно беше на сцена во 27. минута кога со рефлексна интервенција реагираше на топката која по ударот со глава на Адамс се одби од телото на Растодер.
Шкотска целосно ја презеде контролата врз теренот и продолжи со напади, но обидот на Мектоминеј со „ножички“ во 33. минута заврши високо над голот. Пет минути подоцна Шкотска повторно се закани преку Мектоминеј, кој по проигрувањето од Адамс се најде сам пред Димитриевски, но македонскиот голман повторно беше поуспешен, а само минута подоцна обидот со пета на Адамс беше изблокиран.
Македонската репрезентација можеше да ги казни промашувањата на шкотските фудбалери во самиот финиш на полувремето, кога ударот на Барди од десетина метри по проигрувањето на Растодер заврши сантиметри крај десната статива на шкотскиот голман.
Второто полувреме почна со иницијатива на Шкотска која пропушти колосална шанса да дојде во водство во 46. минута но Гилмор го промаши празниот гол, откако Алиоски и Муслиу погрешија во одбраната.
Шкотска во следната шанса ја искористи несигурноста во македонската одбрана и дојде во водство во 54. минута кога Мекгин натрча во шеснаесетникот по проигрувањето од Адамс и со прецизен удар ја пласираше топката во мрежата на Димитриевски.
Шкотското водство траеше само четири минута, а го анулираше Растодер кој по изведениот корнер од Барди со прецизен удар со глава ја смести топката во шкотската мрежа.
Македонските фудбалери во продолжението заигра многу поквалитетно и го контролираа натпреварот до 74. минута кога Мекгин од пенал го врати водството на Шкотска, откако по сугестија од ВАР собата словачкиот судија Оченаш оцени дека Димитриевски го фаулирал во шеснаесетникот Ганон – Доак.
До крајот на натпреварот македонската репрезентација тргна офанзивно во обид да го освои првиот бод во Лигата на нации, но ударот од слободен удар на Барди во 84. минута заврши само во рацете на шкотскиот голман Ган, а две минути подоцна македонскиот капитен повторно се обиде, но биеше непрецизно од далечина.
Во последното коло во својот премиерен настап во Б дивизијата во Лигата на нации, Македонија в понеделник во Скопје ќе ја пречека Словенија.