Претседателот на МОК се обрати до јавноста по вчерашната одлука на УО на КФМ
Претседателот на Македонскиот Олимписки комитет Даниел Димевски се обрати до јавноста по повод одлуката на Управниот одбор на КФМ за оставка од позицијата прв човек на МОК.
Соопштението на Даниел Димевски го пренесуваме во целост …
Во интерес на вистината, чувствувам потреба да споделам факти во врска со изнесеното од страна на лицето Т.Г. вршител на раководна функција во КФМ. Имено, ова лице е соочено со процес кој влегува во завршна фаза, а е за утврдување на неговата лична одговорност за злоупотреба на службената положба и противправни дејствија со кои нанел штета на олимпиското движење.
МОК се вклучи во финансиско организациска поддршка на КФМ, наменски за потребите на 3×3 спортот на барање на КФМ, по образложението дека федерацијата не е во состојба да обезбеди никакви средства за таа намена и дека немаат капацитет, ниту интерес да се занимаваат со тој сегмент од кошарката. Позитивниот одговор на нивниот одговор и вклучувањето на МОК беше единствено условен со контрола на целиот процес и трошењето на обезбедените средства како што стриктно налагаат правилата и принципите на МОК.
На прашањето зошто оваа тема се актуализира дури сега, повеќе од една година по започнувањето на проектот и повеќе од два месеци по завршувањето на Медитеранските игри, единствениот логичен заклучок е дека токму стравот од соочување со претстојните санкции го поттикнал овој потег, проследен со ваквото клеветничко однесување.
Лично, воопшто не сум изненаден од ваквото поведение на лицето Т.Г. бидејќи не му e прв пат, а верувам дека ќе му биде последен, да прави штета на мене лично и на кошарката како спорт во целост.
Совршено ми е јасно дека споредбата со мене и она што некогаш претставуваше Кошаркарската федерација кога јас ја предводев и ова што е денеска, е многу болно за него и буди ниски чувства на завист и пакост. Карактеристично за малиот човек е да бара оправдување за себе во омаловажувањето на туѓиот успех, по секоја цена како маска за сопствениот неуспех и безкапацитетност.
Човечката мизерија оди до таму што не се бираат средства и се злоупотребува името на еден млад човек спортист, чиј единствен грев е што е мој син. За Т.Г. нема значење фактот што тој млад човек беше дел од младинската репрезентација која успеа да обезбеди опстанок во елитната А дивизија, успех што, гледано од денешна перспектива, претставува речиси невозможна мисија. Ниту пак, му значи ниту тоа што истиот млад човек беше член, а подоцна и капитен на средношколската репрезентација, која најпрво освои бронзен, а потоа и златен медал на Европското првенство, за што репрезентативците беа лично наградени од актуелниот министер за спорт.
Ништо од ова не му е важно, важно е да се оцрни и омаловажи секој успех само да се затскрие реалната катастрофална состојба до која ја донесе Македонската кошарка, од секој аспект и на сите нивоа. Општа констатација е дека ова е најнеспособното раководство што некогаш го имала КФМ.
Безидејно, неспособно да обезбеди финансии, без храброст да се избори за подобар третман кај надлежното министерство, неспособно да обезбеди елементарни работи како топки, покривање на котизација, одржување на сала која некој некогаш им ја дал итн, итн …
Но, затоа, успешно спроведува мерки со кои ги исцицува и така истоштените клубови кои имаат третман како банкомат на федерацијата, а би требало да е сосема обратно. А, јас лично, како и организацијата што ја предводам ќе останеме посветени да помагаме на кошарката како спорт кој ја донел најголемата радост на овој народ. И јас, како и лицето Т.Г., сме минливи и менливи, но резултатите што сме ги оставиле позади нас ќе останат вечно, некому за среќа, а некому за жал …