Скопје ги награди најуспешните спортисти, награда за животно дело за Марин Докузовски
Каратистот Матеј Белистојаноски е прогласен за најдобар спортист на Скопје за 2026 година, додека кошаркарскиот тренер Марин Докузовски ја доби наградата за животно дело.
Признанијата беа доделени на 57. свеченост на Сојузот на спортови на Скопје, на која деветмина спортисти, тренери и спортски работници беа наградени за своите достигнувања и придонесот во македонскиот спорт.
Белистојаноски зад себе има успешна година на меѓународната сцена. Тој освои златни медали на Европското првенство за помлади сениори до 21 година во Лимасол, на Медитеранските игри во Таранто, како и на турнирот од Серија А во Тбилиси.
Наградата за животно дело му припадна на Марин Докузовски, еден од најуспешните македонски кошаркарски тренери. Тој ја предводеше македонската репрезентација до историското четврто место на Европското првенство во Литванија во 2011 година.
Меѓу наградените е и Александар Кузмановски, селектор на машката карате репрезентација и тренер на Карате клубот „Олимпик Скопје“. Признанието за спортско новинарство му беше доделено на Сашо Кузмановски, програмски уредник на Спортското радио 90.3, а награди добија и меѓународните ракометни судијки Силвана Карбеска и Марија Илиева.
Меѓу лауреатите се и професорот по физичко образование Дејан Боневски и Ирена Митровска, претседателка на Федерацијата за дигање тегови и секретарка на Кик-бокс федерацијата.
Специјално признание за достигнувањата во текот на годината доби спелеонуркачкиот клуб „Врело“. Неговата меѓународна експедиција во октомври постави неколку светски рекорди во истражувањето на пештери и нуркањето.