Манчестер Јунајтед го отпушти Карик


Манчестер Јунајтед направи потег за кој веќе со денови се зборуваше на Островот – го отпушти тренерот Мајкл Карик по катастрофалниот почеток на сезоната и низата резултати што ги доведоа „Црвените ѓаволи“ во зоната за испаѓање од Премиер лигата.

Карик со тоа го заврши својот втор тренерски мандат на „Олд Трафорд“, само неколку месеци откако ја доби довербата на челниците на клубот и договор до летото 2028 година.

Тој го презеде Јунајтед во јануари и минатата сезона ја заврши на третото место, изборувајќи враќање во Лигата на шампионите, со 12 победи од 17 натпревари.

Новата сезона, сепак, донесе сосем поинаква слика и бројни порази, што резултираше со пласман на 18-торо место во Премиер лигата, во зоната за испаѓање, со само една победа во првите 10 натпревари.

Тимот нема победено од август, а клубот го забележа најлошиот пласман во оваа фаза од првенството од сезоната 1986/1987, кога беше на последното 20-то место.

Управата имаше самодоверба, чекајќи да види позитивни чекори, но кога ништо не се случи, пресекоа и му се заблагодарија на Карик за соработката, кој помина 12 години на „Олд Трафорд“ за време на својата фудбалска кариера, освојувајќи 5 титули во англискиот шампионат, по еднаш Лигата на шампионите, Светско клупско првенство, ФА куп и Лига Европа, како и бројни други помали трофеи.

„По разочарувачкиот почеток на сезоната, клубот дојде до исклучително тежок заклучок дека промените се неопходни за да ги оствариме нашите амбиции. Мајкл е, и секогаш ќе биде, легенда на Манчестер Јунајтед. Исто како што правеше во текот на целата своја играчка кариера, покажа највисоко ниво на посветеност и професионализам за време на ова враќање во клубот. Неговото лидерство и резултатите постигнати минатата сезона ќе бидат со задоволство запаметени. Клубот има намера да назначи нов менаџер што е можно поскоро“, се вели во соопштението на Манчестер Јунајтед.

Дури и пред Карик официјално да биде отпуштен, Јунајтед започна со потрага по нов тренер, а веќе имаа разговори со Маурисио Почетино, актуелниот селектор на репрезентацијата на САД, кој се споменува како прв избор на клубот за испразнетото место.

Во игра се и Јулиан Нагелсман, Киран МекКена и Еди Хау.