Мажот знаел дека жена му е љубовница на директорот на „Нвидија“ па го користел тоа за бизнис
Кинескиот бизнисмен Канг Веи ја запознал својата сопруга Алис Хуанг со извршниот директор на американскиот технолошки гигант „Нвидија“, Џенсен Хуанг, а потоа, според „Волстрит џурнал“, ја толерирал нивната љубовна врска бидејќи имал бизнис придобивки од неа.
Како што пишува американскиот весник, повикувајќи се на извори блиски до двојката, Канг Веи и Џенсен Хуанг се познаваат околу десет години. Нивното познанство започнало благодарение на деловните контакти во технолошката индустрија.
Инвестициската компанија на Канг, „Хекси“, инвестирала во голем број технолошки фирми, вклучувајќи компании за видео игри. Преку овие инвестиции, Канг стапил во контакт со директорот на „Нвидија“ во 2010-те. Едно лице вклучено во нивното поврзување тврди дека се запознале во Азија.
Според „Волстрит џурнал“, Канг подоцна го запознал Хуанг со својата сопруга, Алис Хуанг, чие кинеско име е Хуанг Ле, а која сега е под лупа на американските власти поради сомнение за соработка со кинеската разузнавачка служба.
Извори блиски до двојката велат дека Канг знаел за романтичната врска на сопругата со извршниот директор на „Нвидија“и очигледно не се обидел да ја спречи.
Напротив, тој отворено зборувал за нивната врска пред познаници и, според американскиот весник, на шега ја нарекол сопругата Хуанг „лична асистентка“.
Сепак, зад таквата врска наводно стоеле значајни деловни интереси.
Луѓе запознаени со бизнисот на двојката велат дека Канг и Алис Хуанг ги користеле своите приватни контакти, вклучувајќи го и нејзиниот пристап до првиот човек на „Нвидија“, за да соберат капитал и да склучуваат договори во Кина, Сингапур, Тајван и други пазари.
На почетокот на 2020-те, брачната двојка се фокусирала сè повеќе на бизнис во областа на cloud computing, односно клауд технологија.
Во 2023 година, Алис Хуанг зазела висока позиција во сингапурската компанија „Мегаспид“, која управува со центри за податоци и станала еден од значајните клиенти на чиповите на „Нвидија“ за развој на вештачка интелигенција.
Бизнисот на таа компанија го привлече вниманието на американските истражни органи.
Истражителите од Министерството за трговија на САД, а подоцна и од Министерството за правда, истражуваа дали „Мегаспид“ била вмешана во пренасочувањето на напредните чипови на „Нвидија“ во Кина, и покрај ограничувањата за извоз на САД.
Сингапурските власти ја сослушаа Алис Хуанг во текот на 2025 година и потврдија дека истрагата за бизнисот на „Мегаспид“ сè уште е во тек.
Сепак, сингапурските власти нагласија дека нивната истрага не ги вклучувала наводните врски на Алис Хуанг со кинеските разузнавачки структури.
Тврдењата за нејзината улога во разузнавачките активности, како и тврдењата за користење на приватен однос со директорот на „Нвидија“ за остварување на деловни интереси, засега остануваат предмет на медиумски извештаи и истраги, а не законски утврдени факти.