Вечер со емоции, музика и почит: „Чија си“ на Славе Димитров собра генерации и луѓе од културата


Ретко е  една промоција да прерасне во толку топол, емотивен и достоинствен собир каде се чека на ред да се честита на славеникот. Токму таква беше синоќешната промоција на „Чија си“, авторизирана биографија за легендарниот Славе Димитров, која ги собра семејството, културните дејци, понекој од естрадата, новинарите и почитувачите на неговото творештво.

Во  книжарницата на Литература. мк во центарот на Скопје беше претесно да се соберат сите оние што сакаа да бидат дел од оваа посебна вечер посветена на вистинските уметнички вредности. Но кога музиката, спомените и почитта кон едно значајно творешво се повод за средба, просторот станува помалку важен од емоцијата што ги поврзува присутните.

Книгата  од Максим Ристески, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации,  го следи патот на композиторот, пејач, аранжер и музички продуцент од битолското маало Генимале до неговото значајно место во македонската и регионална забавна музика.

Славе Димитров е роден на 1 јуни 1946 година во Битола. Биографијата пристигнува во година на три значајни јубилеи: неговиот 80. роденден, шест децении творештво и 55 години од првото јавно изведување на „Чија си“.

Музиката за безвременската песна ја компонирал во 1969 година во Битола. Две години подоцна, на фестивалот „Скопје 71“, таа била изведена во две верзии, од самиот Димитров и од Крунослав Киќо Слабинац, освојувајќи ја втората награда од публиката.

Низ лични приказни и сеќавања, новата книга го доближува човекот зад песните што ги поврзуваат генерациите, како „Делфина“ и „Каде песно моја“. 

За авторот Максим Ристески, создавањето на биографијата било огромна чест, но и посебна одговорност. Повеќе од 35 години пријателство со Славе Димитров му овозможиле да ја раскаже оваа приказна со посебна блискост и почит. Во текот на истражувањето го фасцинирале необичните детски случувања и случајности кои го насочиле Димитров кон музиката, но и откривањето на бројни вредни композиции кои досега останале помалку познати за пошироката јавност. Ристески истакна дека книгата е посветена на човек чиј творечки опус заслужува да биде документиран и пренесен на идните генерации, особено поради значењето што го има за македонската музичка историја.

Посебно емотивно беше обраќањето на Сашо Гигов-Гиш, кој со искрена почит и восхит зборуваше за својот драг пријател. Тој го опиша Славе Димитров како исклучителен талент, човек воден од љубовта кон музиката, но и личност со цврсти принципи, доследност и непоколеблив однос кон правдата и креацијата.Потсети дека маестрото не бил човек кој лесно давал интервјуа или зборувал за себе, ниту своето творештво го доверувал секому. Токму затоа, книгата ја доживеа како своевидна хагиографија на еден посветеник на македонската култура, уметност и мисловност.

„Станува збор за исклучителен талент, дар од Бога, човек кој, следејќи ја својата ѕвезда водилка – љубовта, стигнал таму каде што посакувал. Има ли побајковита приказна за еден животен пат? „Чија си“ е прекрасна книга, вистински документ за македонската култура. Познавајќи го Славе, знам дека има неверојатна дарба да препознае талент и внимателно избира кому ќе му подари песна. А замислете, на некого да му ја довери сета своја животна приказна! Тоа мораше да биде токму Максим. Тој ја создаде оваа книга како своевидна хагиографија – посвета на еден подвижник на македонската култура, уметност и совест. Иако дел од животната приказна на Славе ми беше позната, во книгата е раскажана детално, прецизно и мошне питко. Додека ја читате, ќе посакате повторно да ги слушате неговите песни. Ќе се изненадите колку многу познати композиции од телевизијата, филмот, современата музичка продукција, па дури и од детската музика се негово дело… Во една пригода го прашав неговиот син Оливер: „Добро, кога и како татко ти успеал да ги напише, да ги компонира и да ги испее сите овие песни? Под какво опојно дејство беше?“ А тој ми одговори: „На љубов, Гиш, на љубов!“ – истакна Гиш.

На значењето на книгата од поширок културен аспект се осврна и Александар Трајковски, кој ја нагласи потребата од повеќе публикации посветени на македонската забавна музика. Според него, ова дело претставува многу повеќе од биографија на еден музички автор – тоа е придонес во зачувувањето на македонскиот културен идентитет.

-Славе Димитров е една од круцијалните алки во развојниот пат на македонската музичка сцена, позициониран во самиот нејзин врв. Неговиот придонес е севкупен – во компонирањето, аранжирањето, изведувањето, организирањето и во продуцирањето, оставајќи длабоки и неизбришливи траги во колективната меморија. Неговиот композиторски потпис ни остави близу 1.000 песни, секоја со своја специфична приказна. Посебно би го издвоил неговиот придонес во македонската филмска музика. Со музиката за филмот „Исправи се, Делфина“ на Александар Ѓурчинов, Димитров остави значајна трага, подарувајќи ни ги извонредните песни „Делфина“ и „Каде песно моја“. Неговата музика не само што ја следи филмската драматургија туку создава хомогена целина со приказната и со ликовите“, истакна Трајковски, посочувајќи дека книгата е драгоцено сведоштво и за генерациите што доаѓаат, кои преку неа ќе можат да го запознаат творештвото на Димитров, но и времето и културниот контекст во кои тоа настанувало“, рече Трајковски.

Видно возбуден и трогнат од вниманието, Димитров им се заблагодари на присутните, а споделувањето на спомените и автограмите траеше доцна во ноќта.

„Во текот на мојата кариера имав можност да соработувам со многу драги и значајни автори, меѓу кои: Гоко Ѓоргиев, Благој Стефановски, Васил Пујовски, Ацо Шопов, Блаже Конески и многу други. Мојата музичка приказна започна кога бев матурант во Битола. Тогаш ја пратив мојата песна „Твоите очи“ на фестивалот во Суботица, со надеж дека ќе допре до некое срце. И навистина, допре. Оттаму започна мојата кариера, која продолжи сè до моето пензионирање… Гледано наназад, мислам дека се остварив како автор, композитор, аранжер и како музички соработник. Успеав да го реализирам она што го замислував и она што го посакував. Во оваа книга се опфатени најзначајните моменти, достигнувања и успеси од мојата кариера…На младите музичари би им порачал да создаваат музика што ќе допре до срцата на луѓето.

Во чест на 80-годишнината од раѓањето на Славе Димитров, на 28 ноември во Македонската филхармонија ќе се одржи концертот „Од Евридика до Чија си“, на Националниот џез оркестар, под диригентската палка на Џијан Емин. На концертот ќе бидат изведени дел од најпознатите композиции на Димитров во нови оркестарски аранжмани, со учество на повеќе музички изведувачи.  

Фото: Арс Ламина