Димитриеска-Кочоска: Само едно јавно претпријатие има сметка во Алта банка – Битола, 100-ина илјади денари
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска, пред Комисијата за финансирање и буџет, рече дека само едно јавно претпријатие има сметка во Алта банка – Битола, но во многу мал износ, 100-ина илјади денари.
– Од сите акционерски друштва и јавни претпријатија со кои стапивме во контакт, само едно имаше сметка која е во многу мал износ, 100-ина илјади денари, ништо повеќе од тоа. Повеќето од јавните препријатија и акционерските друштва немаат сметка во Алта банка. Но во периодот што следува треба да достават изештај од администраторот и ќе видиме понатаму дали има нешто поинакво од она што јас сум го добила како информација – истакна министерката на надзорната расправа.
Одговорајќи на прашања од пратениците, таа напомена и дека фондовите функционираат преку трезорот.
Според министерката, состојбата е стабилна и нема никаков ризик од каква било финансиска нестабилност во државата поради случајот со Алта банка – Битола. Буџетските корисници имаат сметки во трезорот, а единствените трансакции што се прават од Министерството за финансии (МФ) кон сите банки, не само кон Алта банка, се провизиите што се плаќаат кога се исплаќаат пензиите.
Министерството за финансии, напомена, не гледа никаков ризик од пропаѓање какви било средства зашто буџетските корисници во Алта банка немаат ниту средства ниту депозити.
Димитриеска-Кочоска, одговорајќи на прашања од пратениците, уште еднаш укажа дека треба да се разграничат надлежностите на институциите.
Таа е децидна дека МФ немало никакво учество при презамањето, односно купувањето на банката, ниту дало, како што рече, согласност за продажба.
– Немаме никаква надлежност во целата постапка за продажба, а супервизија и надзор врши Народната банка – рече Димитриеска-Кочоска.
Министерката потврди Алта банка влегла во Македонија на 1 септември кога и официјално ја добила можноста за купување хартии од вредност, а она што го кажа претходно премиерот на надзорната расправа, беше, рече, нешто во врска со купување на Алта банка во Србија.