Надзорна расправа: Дали НБМ има право да ги продаде акциите на Алта банка Белград во банката во Битола?
Српската Алта банка го губи правото да управува со македонската банка преку своите акционерски права, но не ја губи автоматски сопственоста на акциите
Во текот на надзорната расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет, за случувањата во Алта банка Битола, една од поинтересните дилеми која што се наметна е дали Народната банка може да ги продава акциите на Алта банка Белград кои таа ги има во нејзината истомена банка ќерка во Битола, односно дали доколку ги продаде, може да има непредвидени правни околности и последици.
Ова прашање го постави независниот пратеник Миле Цеков кон вицегувернерката Ана Митреска, која беше еден од сведоците во надзорната расправа. Цеков исто така се интересираше и дали бил проверен интегритетот на купувачот, потеклот на средвaта, како и вистинскиот идентитет. Пратеничката Јована Тренчевска, пак, се интересираше од која сметка легнале парите на старите сопственици на Стопанска банка Битола
„Српската Алта банка го губи правото да управува со македонската банка преку своите акционерски права, но не ја губи автоматски сопственоста на акциите“, рече Цеков.
Тој посочи дека НБМ ја повлече согласноста на српската банка, односно ја укина лиценцата, но таа сѐ уште е сопственик на 95,3 отсто од акциите на во Алта банка Битола, а во меѓувреме во Србија е поведена постапка за стечај.
„Дали Народна банка има правна согласност или овластување од надлежните органи во Србија за продажба на тие акции, дали постои ризик српскиот стечаен управник или доверителите да ја оспорат продажбата со што би се создал дополнителен правен проблем за Алта банка Битола, бидејќи член 137 не предвидува дека Народна банка веднаш станува сопственик на акциите, туку дека таа добива законски механизам да ѝ наложи, но под определени услови, да ја спроведе нивната продажба“, праша Цеков.
Вицегувернерката Митреска во одговор на прашањето на Цеков рече дека веднаш по добивањето на јавната информација за одземање на согласноста од регулаторот, НБМ донесе решение за одземање на согласноста за располагање со акциите во Стопанска банка Битола со што му се одзема и правото на глас.
„Согласно законот за банки тоа не значи автоматски одземање на сопственоста, меѓутоа постои јасно и точно прецизирана постапка во рамки на самиот закон кој што предвидува дека НБМ му дава определен рок на акционерот, во овој случај на стечајниот управник, односно српската Агенција за осигурување на депозити за продажба на акции. Доколку акциите не се отуѓат, во тој случај, правното лице, односно стечајниот упревник, има должност да ѝ даде овластување на НБМ да ја изврши продажбата, со цел заштита на доверителите и штедачите во македонската банка“, објасни Метреска.
Таа додаде дека Законот исто така прецизно го регулира начинот и постапката на продажбата на акции од страна на НБМ, во смисла на тоа кои се јавно објавени информации, како тече процесот на берзанската аукција, кој има право да учествува на берзанската аукција, односно станува збор за прецизно и јасно регулирана дефинирана постапка.
Одговарајќи на прашањето на пратеничката Тренчевска околу потеклото на парите, односно сметката од каде што биле платени купените акции, вицегувернерката Митреска рече дека средствата се пристигнати од Алта банка Белград преку странска банка којашто има дозвола за работа во ЕУ.
„Ќе ме разберете дека не можам да споменувам конкретни имиња на банки. Согласно принципот на доверливост не може да се споделуваат таков тип на информации“, рече Митреска.
Одговарајќи на прашања на пратениците таа исто така рече дека мерката администрација се носи во специфични услови кога на акционерот со доминантно учество му е одземена согласноста од надлежниот регулатор, а од друга страна банката е здрава, капитализирана и лчиквидна. Во вакви околности, согласно законот за банки, една од мерките која што е најоптимална, е администрацијата, рече Митреска. (М.Ј.)