Откупот на тутунот ќе започне предвреме, тутунарите стравуваат да не поминат како јаболкарите и лозарите
Досега во Македонија за откуп на тутунот се пријавиле 10 откупувачи, а откупот ќе се одвива на 324 ваги
БИТОЛА – За една недела, предвреме од законскиот рок, на 16 ноември ќе започне откупот на тутунот. Очекувањата на тутунарите е дека тутунот ќе се откупува во прва класа, пракса од последните неколку години кога целокупниот род се откупуваше во една класа.
Пред откупот на тутунот земјоделците стравуваат да не поминат како откупот на пиперката ајварка, јаболкото, грозјето…
Најголемата мака на тутунарите пред почетокот на откупот е дали ценета за килограм тутун ќе ги покрие производствените трошоци и дали трудот ќе исплати.
Досега во Македонија за откуп на тутунот се пријавиле 10 откупувачи, а откупот ќе се одвива на 324 ваги.
Од Сојузот на тутунарски здруженија очекуваат цената да биде повисока од лани (за околу половина евро), кога таа изнесуваше 420 денари за килограм.
„Ние очекуваме 440 до 450 денари, да биде првата класа, односно просечната цена. Очекуваме целиот тутун да се откупува во една класа затоа што досега нема анекс договори за промена на цените на класите, така што тоа укажува дека и овој откуп ќе биде целиот на прва класа“, изјави Кире Ристевски, претседател на Сојузот на тутунарски здруженија.
Тутунарите велат дека годинава реколтата тежи околу 26 милиони килограми тутун, додека откупувачите излегуваат со бројка од 28 милиони килограми. Разликата од 2 милиони килограми тутун засега не е објаснета.
Министерот за земјоделие, Борче Серафимовски, деновиве беше на средба со тутунарите во прилепско, како крај со традиционално најголем број на производители на тутун. Министерот веќе ја прати пораката до тутунарите и откупувачите дека просечната откупна цена на тутунот од годинешната реколта се очекува да надмине 420 денари за килограм, иако не прецизираше што значи во бројка надминувањето на оваа сума. Но, она што за тутунарите е нејасно е како Сојузот на тутунски здруженија најавува откуп во една (прва) класа, додека министерот Серафимовски зборува за субвенции во три класи. Серафимовски најави дека, како дополнување на приходот од продажбата, тутунарите можат да очекуваат субвенции од 80 денари по килограм за прва класа, 70 денари за втора и 60 денари за трета класа.
Осврнувајќи се на економското значење на секторот, тој посочи дека тутунопроизводството ангажира приближно 18.000 земјоделски стопанства, а извозот на тутун и преработки од тутун создава годишен девизен прилив од околу 140 до 150 милиони евра.
„Мерките за поддршка ќе ги усогласуваме со движењата на пазарот, а на тутунарите навреме ќе им обезбедуваме информации за побарувачката и условите за откуп, за полесно да ги планираат површините што ќе ги засадат, а со тоа и потребните вложувања“, порача министерот Серафимовски.
Поранешниот координатор на новоформираните тутунски здруженија, Игор Мирчески реагира на најавите дека откупната цена на килограм тутун ќе ја надмине сумата од 420 денари.
„Што има да му покаже Прилеп на светот, дека има една група на луѓе кои го произведуваат еден од најквалитетните тутуни во светот, а притоа го продаваат едвај 7 евра по килограм. Пола литар вода во кој било европски ародром е 5 евра, замислете пола литар обична вода. Вие правите театар, очекувате тутунот да достигне цена од 420 денари. Трагедија“, коментира Мирчески.
Тутунарот Панче Митрев коментира дека годинава тутунарите имаат зголемени производствени трошоци.
„Министре, лани беше 420 денари, од лани трошоците за разлика од оваа година колку се зголемени? Лани нафтата беше 70 денари за литар а сега е 100 денари. И сѐ друго е поскапено“, вели земјоделецот.
Земјоделците искажуваат едно предупредување, тутунот да не помине како и откупот на пиперката, грозјето, житото, јаболката.
„Тутунот треба да биде 10 евра најмалку по килограм, да не помине како пиперката ајварка со 12 до 15 денари за килограм, индустриското јаболко 4 денари по кило, грозјето 7 денари по кило, житото по 9,5 денари за килограм“, велат земјоделци.