За да нема голем ценовен скок на струјата, биде пуштен нов граничен премин со Косово
Премиерот Христијан Мицкоски предупредува дека енергетската криза се продлабочува и дека претстои тежок период во кој ќе биде важно земјава да произведува повеќе струја. На брифинг со новинарите тој рече дека Владата развива нов бизнис-модел за државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ). Планот предвидува јаглен од Косово за работа на сите три блока на РЕК „Битола“ и повторно ставање во погон на ТЕЦ „Неготино“.
За снабдувањето со јаглен да оди без застој, Армијата и Царината веќе подготвуваат посебен
граничен премин за камионите, покрај граничниот премин Блаце. Тоа е граничниот премин кој порано го користеше КФОР, а планот е таму да минуваат само камионите со јаглен.
Премеирот Мицкоски очекува на овој премин дневно да минуваат по 200 камиони и уште 50-60 камиони да го користат граничниот премин „Блаце“, односно да се превезуваат над 6.000 тони јаглен дневно.
Мицкоски најави и рестартирање на ТЕЦ „Неготино“ со тоа што таму транспортот на мазутот не би одел со камиони туку ќе се користи железничката пруга од пристаништето во Солун. Државни компании вели дека веќе го прилагодуваат кракот кој од главната пруга влегува во ТЕЦ „Неготино“, односно дрвените прагови на пругата ги менуваат со бетонски со носивост над 10 тони.
Тендерот за избор на компанија која ќе го врши ископот и транспортот на јаглен од Косово е во тек.
Во прилог на стабилна цена на струјата кај нас и покрај продлабочувањето на енергетската криза во Европа, Мицкоски наведе дека, според податоците од Управата за хидрометеорологија, не очекува зима со температури над просекот од последниве 15 години, а над просекот ќе бидат и дождот и снегот.