Семејното насилство цвета – за едно деноноќие десетина пријави


Десетина пријави за семејно насилство и прекршувања на наредби за неприближување до членови на семејството нотира денеска полицискиот билтен. 

Така, Надворешната канцеларија за криминалистички работи Македонски Брод поднесе кривична пријава против Ј.Н.(56) од село во Македонски Брод поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 06.11.2026 во семејниот дом, пријавениот физички ја нападнал неговата сопруга и барал да ја повлече претходната кривична пријава за семејно насилство за која имале закажано судско рочиште.

ОВР Кочани поднесе кривична пријава против Б.Р.(38) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 17.10.2026 во семејната куќа, пријавениот се однесувал агресивно кон неговата сопруга и се заканувал на неговиот 18-годишен син.

На 10.11.2026 во 13:15 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица го лишија од слобода В.Д.(27) од струмичко, постапувајќи по претходна пријава дека физички ја нападнал неговата сопруга. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 10.11.2026 во 23:10 часот во СВР Битола, 21-годишна битолчанка пријавила дека околу 17:00 часот била физички нападната од нејзиниот партнер К.У.. Според пријавеното, тој подолг период физички и психички ја малтретирал и ѝ упатувал закани. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

На 10.11.2026 во 19:05 часот во Радовиш, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш го лишија од слобода С.А.(19) од Радовиш, постапувајќи по пријава дека физички ја нападнал неговата 70-годишна баба. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 10.11.2026 во 22:00 часот во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода Г.А.(22) од Битола затоа што физички ја нападнал неговата 22-годишна вонбрачна партнерка. По целосно документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Б.А.(34) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,загрозување на сигурноста“ и „демнење“. На 04.11.2026, пријавениот на мобилна апликација испраќал пораки со заканувачка содржина на неговата сопруга со која е во бракоразводна постапка и ја снимал со мобилен телефон.

На 10.11.2026 во 01:10 часот во Гевгелија, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија лишија од слобода 33-годишна жена од гевгелиско, постапувајќи по пријава дека физички го нападнала нејзиниот поранешен партнер. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 10.11.2026 во 16:10 часот, полициски службеници од СВР Велес извршија службен разговор со Е.Д.(70) од Велес, постапувајќи по претходна пријава дека не го почитувала решението од Основен суд Велес со кое ѝ се забранува да му се приближува, заканува и малтретира на нејзиниот 66-годишен девер од Велес, односно му се заканувала. Известен бил јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на настанот.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.А.(33) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“.. На 14.10.2026, додека се возеле во нивното возило, пријавениот упатувал закани на неговата 34-годишна сопруга од Тетово.