Уапсен поранешниот српски министер за економија
Поранешниот српски министер за економија Раде Баста е уапсен по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград под сомнение дека, додека бил директор на јавното комунално претпријатие „Белградски електрани“, ја оштетил компанијата за десетици милиони динари, потврди РТС.
Баста е осомничен дека одобрувал донации без оправдана основа за разни спортски клубови, вклучувајќи помали фудбалски и кошаркарски клубови и коњички клуб, објави РТС. Членовите на Службата за борба против корупцијата спроведуваат акција за апсење и претрес, објави српскиот јавен сервис.
Како што неофицијално дознава РТС, во тек е притворање на уште неколку лица поврзани со Баста.
Тој побара воведување санкции кон Русија
Раде Баста беше министер за економија на Србија од октомври 2022 до 2023 година, кога беше отстранет од функцијата. Разрешувањето дојде откако тој побара од српската влада „итно да се изјасни за воведување санкции против Руската Федерација поради нејзината агресија врз Украина“. Откако ја напушти владата, тој го основа движењето „Европски пат“.
Тој беше назначен на министерски должности како член на партијата Единствена Србија, која, поради неговите изјави за воведување санкции против Русија, побара и негово разрешување од сите партиски и јавни функции на кои го номинираше.